Еден од најважните составни делови на денешните камери, било дали се работи за професионални или оние во паметните телефони, е леќата. Настрана дигиталниот квалитет на сензорот, токму леќата е таа која придонесува за висока острина на фотографијата и овозможува светлината фокусирано да „падне“ на самиот сензор.
Најдобрите објективи (систем од повеќе леќи) денес, со цел да му овозможат повеќе светлина на сензорот, односно да имаат поширока бленда (на пример f1.4), мора да бидат многу големи, што ги прави неупотребливи во помали апликации. Всушност, ова е една од причините зошто камерите во телефоните како Samsung Galaxy S7 и iPhone 6S излегуваат надвор од телефонот – леќите се едноставно преголеми.
Ова набрзо може целосно да се промени. Имено, ново откритие од научници од Харвард може драматично да ја намали димензијата на самите леќи и да придонесе за уште поквалитетна фотографија. Овие таканаречени „металеќи“ се всушност мали вертикално поставени кварцни кристали со големина на човечкото влакно, обложени со титаниум диоксид.
Овие кристали можат на различен начин да ја прекршат светлината зависно од тоа во каков распоред се поставени и на тој начин да ја фокусираат сликата. Според научниците, овие леќи можат да примат многу светлина, односно да имаат многу ниска “f” бројка, што ќе помогне во квалитетот на фотографијата особено кај помалите камери, како на пример оние на паметните телефони, особено во намалувањето на шумот при вечерните фотографии.
Тие тврдат дека дури и во моментов, нивното решение вади поостри фотографии од стандарден објектив, што е пак одлична вест за оние кои користат „професионални“ фотоапарати – „металеќите“ ќе овозможат пет до шест помали димензии и повисок квалитет на фотографијата.
Голема предност на овие „металеќи“ е и што можат многу полесно да се произведат. Додека најдобрите леќи во светов, како на пример оние на Leica или Carl Zeiss бараат исклучително прецизна и бавна рачна изработка, „металеќите“ ќе можат да се изработуваат целосно машински, односно буквално да се печатат на лента, исто како и компјутерските чипови.