robot-mind

Во првиот текст на оваа тема го обработувавме периодот кој е најблиску до нас и кој неизбежно следува. Во патот кон бесмртноста, пред да се постигне дигиталната револуција на човечката раса, ќе настанат многу промени и подобрувања во медицината, исхраната, лекувањето и други поврзани технологии кои ветуваат значително подобрување на квалитетот на животот, негово продолжување и отстранување на огромен процент од болестите и заболувањата на нашите несовршени биолошки тела.

Сепак, тоа нема да спречи да загинете ако ве удри автомобил на улица или пак ве нападне рак, вирус или супербактерија за која сè уште нема соодветен лек. Се чини дека единствениот начин како да постигнеме вистинска бесмртност е дигиталниот, кој преку префрлање во компјутерски систем ветува интелектуална, душевна бесмртност.

Реј Курцвејл и неговата борба за бесмртност

ray-kurzweil

Кон  истото се надева и работи Реј Курцвејл, кој го спомнав во претходниот текст. Овој легендарен претприемач кој има работено сè живо во својот животен век, а неодамна беше именуван како главен на одделот на Google за машинско разбирање на човечки говор, превзема сè што е во негова моќ да го забрза технолошкиот развиток и да се оддржи во живот.

Под тоа оддржување во живот тој подразбира околу 100-250 апчиња дневно кои вклучуваат најразлични состојки, витамини, хормони и слично, потоа стриктен режим за исхрана и физичка активност, кои имаат за цел да ги подобрат перформансите на телото. Сепак, и Курцвејл е свесен дека тоа нема да може да трае бесконечно и дека телото кога тогаш ќе му откаже.

Затоа тој се надева и очекува до 2050-та година веќе да постои можност за префрлање на неговиот ум во компјутер кој би му овозможил остварување на бесмртност, а во периодот од 2030-та до 2050-та со помош на нанотехнологијата, генетскиот инженеринг, 3Д печатењето на органи и слично да му биде оддржувано телото во здравствено добра форма. Тој (а  и јас) воедно смета дека ова е начинот како ќе се осигураме дека идната суперспособна синтетичка интелигенција нема да се сврти против нас – преку сплотување со, и станување дел од неа.

Морам да забележам дека Реј очигледно знае што прави бидејќи треба само да го погледнете за да видите дека изгледа барем 20 години помладо од тоа што би се очекувало за човек со 68 години.

Проблеми со дигитализацијата на умот

150604093409-human-robot-hybrid-780x439

Дигитализацијата на умот, односно неговото префрлање во машинска, информациона форма ветува бесмртност при влегување во „облакот“ каде свеста ќе продолжи да постои теоретски бесконечно.

Сепак, постојат еден куп проблеми со ваквата постапка. Некои се философски, а некои практични.

Проблем бр. 1 – дали е можно префрлање на свеста воопшто?

На хартија (екран?) префрлањето на свеста изгледа доста едноставно. Или, пак, не баш? Имено, човештвото сè уште го нема решено „проблемот“ со дефиниција на свеста – дали се работи за системски феномен при синхронизирани испалување на невронски ансамбли, за дух дел од универзалната „душа“ и „интелигенција“, за трансцендентален феномен кој не е воопшто одреден од физикалијата, или пак за нешто друго?

Дали свеста бара континуитет на физикалијата која нејзе ја создава т.е. мозокот? Ако се земе активноста на мозокот и се запише и префрли во машина во реално време, дали тоа ќе значи префрлање на свеста или едноставно копирање и создавање на умствен клон од човекот?! Дали во тој случај ако се прекине животот на биолошкото тело тоа би претставувало убиство на оригиналната верзија од човекот?! Дали ако се остават и биолошкиот и машинскиот човек да постојат паралелно, тоа ќе значи дека постојат двајца различни луѓе., еден ист во две тела…?

Друго прашање и проблем што се поставува е префрлањето. Да речеме дека умот е создаден во физикалијата наречена мозок. Да речеме дека теоретски префрлањето на умот е можно. Воедно, треба да утврдиме дека умот зависи од специфичната физикалија од која е настанат. Дали тоа би значело дека ако биде префрлен во нова физикалија (машина) тој веќе нема да биде истиот ум, и со тоа нема да настане вистинско префрлање?

Философските проблеми се еден куп, а не се воопшто за занемарување.

Проблем бр. 2 – апсолутно нарушување на приватноста

Да речеме дека префрлањето на умот е можно во машина. Да претпоставиме дека со новите трендови, сите машини на иднината ќе бидат врзани во Интернет на нештата. Тоа би значело дека приватноста ќе биде системски оневозможена и мртва.

Сепак, луѓето имаат природна потреба за приватност и чување на некои работи за себе. Кога се под агресивни напади на нивната приватност тие стануваат параноични, неодлучни, роботизирани, понизни, искомплексирани, депресивни и се стекнуваат со многу други психолошки заболувања.

Дали ова би значело дека иднината на човештвото е една збирштина од пореметени и нездрави умови кои живеат во огромното осило наречено „дигитален облак“ и дали е ова посакувано и исправно?

Проблем бр. 3 – овозможување дистопијанска иднина во дигитална диктатура

Дигитална диктатура - таква во која и Хитлер би плачел како мало дете
Дигитална диктатура – таква во која и Хитлер би плачел како мало дете

Целосната поврзаност на сите умови на иднината би значело дека е можно да се има апсолутна контрола врз секој човек, насекаде и во секој момент. Практично, диктатура и апсолутна моќ каква што ликовите како Сталин, Хитлер и Ким Јонг Ун можеле само да сонуваат да имаат.

Проблем бр. 4 – технички проблеми

Префрлањето на умот во машина би можел да потегне потреба од решавање на многу технички проблеми околу овој настан. Секако можеме да замислиме дека ова не би било еден настан туку дека би бил долготраен процес преку кој постепено ќе го менуваме нашето биолошко тело со дигитални делчиња, на крајот постигнувајќи целосно дигитално тело и целосно дигитален ум.

Можеби ова е единствениот начин како да се постигне вистинско префрлање без губење на човечноста и чувството за себство, а притоа да се елиминираат философските прашања од типот – дали е тоа истиот човек?

Блиска иднина

Како и да е, можноста да се постигне ова се наближува и веројатно ќе настане во следниоте неколку декади. Затоа, патот под нозе, 10.000 чекори дневно, редовна вежба, спиење и здрава исхрана и да почекаме да дојде до нас, па да станеме бесмртни. Или барем да си го продолжиме животот за неколку века со најновите технологии.

А, потоа ќе се занимаваме со World of Warcraft, Skyrim или Mass Effect по цели денови со можност да ја запомните состојбата ако случајно пред вас демне некој непријател (или катастрофален финансиски потег како купување македонски државни обврзници во овој период).

Дополнителни информации: Business Insider, CNN Money, Business Insider 2, Chirp News, io9

Претходна статијаMicrosoft со многу мала продажба на Lumia уреди во првите три месеци од годината
Следна статијаЗвукот на вашиот череп наскоро ќе ги замени отпечатоците на прсти за заштита?