И покрај големите напредоци во вештачката интелигенција, сѐ уште нема компјутери кои можат да имаат реална интеракција со луѓето. Поточно, тие не можат да почувствуваат што човекот со кој имаат интеракција мисли и сѐ уште реагираат на строго насочени функции. Научници од MIT и Boston University го направија првиот робот со вештачка интелигенција (со име Baxter) кој може да почувствува што мисли човекот од другата страна.

Ова не значи дека овој робот ќе знае се што мислите. Засега, тој може да оцени само дали прави грешка или е во право, следејќи ги вашите реакции. Како пример, тој имал за задача да стави спрејови со боја или намотани жици, во две пластични кутии на кои пишува што треба да стави во нив.

Роботот во овој случај има 50% шанси да погоди, но драматично ги подобрува следејќи ги мозочните бранови на луѓето преку EEG монитор, кој може да препознае сигнал кој мозокот го пушта кога ќе насети грешка. Според Даниела Рус, одговорна за проектот, овие мозочни бранови се најлесни за препознавање во целиот тој „шум“ на мозочни бранови.

Преку нив, тој за само 30 милисекунди може да оцени дали греши, дури и пред да го стави предметот во грешната кутија и потоа ја исправува грешката. За да биде поинтересно, креаторите на овој робот направиле тој да има лице кое се „засрамува“ кога ќе згреши, што вака на видео, како и со секој робот со вештачка интелигенција, изгледа прилично морничаво.

Системот засега е многу ограничен, но како и многу слични на него, најавува како би можеле да комуницираме со компјутерите и роботите во иднината. Напредна технологија за читање на мислите би можела да се користи за управување на автомобил без воопшто да треба да ги користите рацете или пак во многу други ситуации. Тимот секако планира да продолжи да го развива Baxter во иднина.

Извор: Quartz, Wired, Gizmodo

Претходна статијаAmazon сака да се префрли на соларна енергија
Следна статијаGPD Pocket е ултра мал 7 инчен лаптоп со целосен Windows 10 или Ubuntu