Признавам – имам дадено непристојно количество на негативни коментари во врска со денешната батериска технологија во телефоните и други уреди, но што да се прави кога е навистина катастрофална?! Требаше да претпоставам дека ова ќе се јави како проблем и во една друга доста млада индустрија – производството на беспилотни летала.
Имено, беспилотките сега имаат просечно време на летање од 20-тина минути, а полнење од 1 час. Тоа значи дека треба да се „отепате“ од полнење цели 3 часа во текот на денот за да се забавувате еден час кумулативно. Не сум убеден дека ова е најдоброто нешто кое можат да го понудат овие парчиња технологија.
Во тоа не се убедени ниту Intelligent Energy, англиска компанија која сака да ги замени стандардните литиум-јонски батерии со водородни горивни ќелии. За истата тежина и зафатнина водородните ќелии даваат значително повеќе енергија, па од компанијата претпоставуваат дека ќе овозможат автономија од еден час и повеќе во летање.
Тие моментално се во фаза на тестирање на технологијата и наскоро ќе почнат да ја нудат на пазарот. Доброто е тоа што место да чекате еден час да ја наполните батеријата едноставно ќе можете да си досипете водород или да ја замените ќелијата со нова и за неколку минути имате функционирачка беспилотка.
Од друга страна, проблемот со водородните ќелии е малата достапност и високите стандарди потребни за чување на овој високоексплозивен гас, па ќе видиме како и дали ќе биде прифатена ваквата замена од страна на потрошувачите, снимателите на видеа и другите беспилотни ентузијасти.