Веројатно многумина од вас не се сеќаваат, но во 90-тите години од минатиот век, хит беа преносливи радија со рачен погон. Едноставно, ја вртите рачката неколку минути, преку генератор се полнат батериите и имате можност за слушање музика неколку часа. Перфектно за излет. Е, сега ова истото ќе го има и како футрола за повеќето модерни паметни телефони!
Футролата е моментално во “Indiegogo” кампања за собирање средства, а потребни се 55.000 долари за стартување на производството. Се работи за футрола, која ќе биде достапна за повеќето модерни паметни телефони и која со вртење на рачката од само една минута, ќе овозможи дополнителни 40 минути работење со телефонот. Технологијата не е воопшто нова – се работи за обично генераторче, кое ја полни батеријата со вртење на рачката. Но, идејата тоа да се вгради во футрола за паметен телефон е секако нова и треба да се оддаде почит.
Според првите информации, доколку имате време и рачката ја вртите повеќе од 5 минути, може да се добијат плус три часа траење на батеријата, што во случај на недостапност до електричната мрежа е и тоа како многу. Покрај тоа, ваквото решение е целосно безбедно за околината, а дури и добро за развивање по некој мускул на раката. За да биде уште поупотреблива, оваа футрола има и USB кабелче, со кое може да се полнат и други уреди, доколку сте расположени за вртење.
Ampware може да служи и како добра заштита од удари за паметниот телефон, бидејќи има дебели ѕидови кои можат да го заштитат и од падови на тврди површини, како асфалт, карпи и сл. Рачката, кога не се користи, може многу лесно да се смести во самата футрола, што е уште еден плус за уредот.
За преднарачка на Ampware, треба да се платат 29 долари како помош за кампањата, што не е многу, но не е ниту јасно колку ќе му биде цената на уредот кога ќе биде лансиран. Исто така, искуството вели дека ваквите кампањи секогаш каснат со порачките, иако е ветено дека кај корисниците ќе пристигнат во Октомври оваа година.
Како и да е, Ampware со сигурност ќе потегне многу други вакви уреди на пазарот, кои поради евтините компоненти кои се вградуваат во нив, ќе имаат ниска цена, а буквално може живот да значат. Браво!
Извор: Gizmodo