Јапонскиот производител, кој е најпознат по професионалната серија на DSLR апарати, со нов прототип најави влегување и во светот на VR уредите и тоа не со видео камера која може да снима виртуелно видео, туку со очила, исто како и Oculus Rift.
Очилата на Canon се уште се во развој и на пример, не можат да стојат на главата, односно морате да ги држите со рака, што е секако голем пропуст. Исто така, во нив нема вградено звучници и мора да приклучите надворешни слушалки за да можете да го слушате звукот од виртуелното видео.
Сепак, резолуцијата од друга страна е подобра од сите вакви уреди досега. Имено, во уредот се вградени два дисплеи со големина од 5,5 инчи во дијагонала и Quad HD резолуција (2560х1440), што значи дека заедно имаат 5K резолуција (5120х2880) што е бројка која ја нема ниту кај телевизорите, односно само кај некои компјутерски монитори и iMac компјутерот на Apple.
Покрај тоа, аголот на гледање е 120 степени, што е многу приближно до тоа како гледа човековото око. Заедно со острите дисплеи, ова треба да овозможи искуство кое ќе е исклучително близу до реалното.
Засега, VR очилата (најблизу се до очила, затоа и така ги нарекуваме) на Canon не се планира да се произведуваат, но секако не би не изненадило, особено ако се знае дека во моментов и нема премногу производители на вакви уреди.