Една од најимпресивните работи од научно фантастичните филмови, секако се преносливите скенери, кои можат да ги откријат сите нерегуларности во некоја материја – како на пример колку е нешто загадено или колку некој човек или суштество се болни. Нов стартап ни ги носи подвижните скенери поблизу до реалноста и е наменет за препознавање на нивото на глутен во некоја храна, но наскоро ќе може да препознава и лоши бактерии.
Новиот скенер ќе работи во колаборација со компатибилна апликација за iPhone или Android паметен телефон, што се чини како логично решение. Всушност, на пазарот за апликации, за iPhone има веќе многу кои можат да откријат рак на кожата или пак со нив да направите испитување на очите. Уредот на 6SensorLabs пак ќе биде малку поразличен – ќе може да ви каже дали храната што сакате да ја јадете е добра за вас.
Засега, уредот SCiO Nima може да скенира само колку глутен содржи храната и тоа со висока прецизност – до 20 честички на милион, што е максимумот кој треба да го има храна за да добие епитет дека е безглутенска. Сепак, ова е само почетокот – уредот наскоро ќе може да препознава и многу други параметри, како загаденост со бактериите Ешерихија Коли и Салмонела.
Анализата инаку трае само две минути, што ќе овозможи многу полесно испитување на храната во рестораните – досега за тоа беше потребен цел ден. Исто така, бидејќи цената на уредот ќе биде само 250 долари, а цената на променливите патрони за испитување 5 долари, ова ќе биде привлечно и за широките маси.
Оваа технологија би можела во иднината да се пресели и во паметните телефони, бидејќи самиот дел што скенира е со многу мали димензии. Што во превод значи дека наскоро во нашите џебови ќе носиме паметни уреди, кои најмалку ќе бидат телефони и кои ќе имаат можности за кои пред 10-тина години можевме само да сонуваме.
Извор: Tech Times, 9to5Mac, Android Headlines