oncaseoncharger

Можеби некои од нас успеале да дојдат во допир со технологијата на безжично полнење на уреди, во конкретниов случај Qi Wireless. Таа се базира на принципот на електромагнетна индукција и преку пренесување на електромагнетни бранови успева да создаде електрична енергија кај уредите кои се компатибилни – и така да им ја полни батеријата.

Проблемот со ова е што уредите најчесто мора да се постават доста прецизно врз површината на Qi Wireless за да биде ефикасно полнењето или воопшто да го има. Од друга страна, истото е доста слабо и бавно, што го прави полнењето со кабел се` уште привлечно. На помош доаѓаат Rubix кои за вас имаат комбинација на два уреди – On Case и On Battery. On Case е заштитна обвивка која е сместена околу телефонот и е поврзана со системот за полнење. Обвивката има на себеси и магнети.

Од другата страна ја имате On Battery која исто така има магнети, и која во себе содржи акумулатор од 5.000 мАч – што е доволно да се наполни секој телефон до 2-3 пати. Кога ќе дојдете со вашиот телефон со On Case до On Battery, тие меѓусебно се „залепуваат“ и енергијата безжично почнува да се пренесува од On Battery до On Case. На овој начин вашиот телефон се полни со резервна батерија без да има потреба да го погодите местото за полнење ниту да бркате со кабли.

За тие што нема да сакаат да купат On Case од Rubix ви овозможуваат да го полните вашиот телефот и стандардно, преку USB кабел. Полнењето преку безжичниот пренос остварува моќност од 1А, а преку кабел од 2А, па затоа полнењето преку кабел е побрзо.

Мора да признаеме дека ваквиот начин на полнење на телефонот навистина е иновација и се надеваме дека и други производители ќе започнат со произведување на вакви додатоци на преносните уреди како би го решиле проблемот со очајните батерии, барем дур не се најде решение и за нив. Во меѓувреме, ќе мора да се задоволите со цената од околу 80 долари.

Извор: Engadget, Gizmag, Kickstarter

Претходна статијаMIT: Сегашната технологија на сончева енергија е доволно добра
Следна статијаГлобалните просечни концентрации на јаглероден диоксид достигнаа рекордното ниво