
Слики од камерите кај Roomba роботската правосмукалка, поточно тест верзија од истата, имаат завршено во неколку приватни групи на друштвените мрежи, односно на Facebook, Discord и други.
Како е дојдено до вакво нешто? iRobot, компанијата сопственик на Roomba брендот, ги користи сликите од нивните уреди за тренирање на вештачката интелигенција. За таа цел се ангажираат надворешни компании кои вработуваат луѓе да ги разгледуваат овие слики и да ја „учат“ вештачката интелигенција што е тоа што го гледаат, како на пример, столче, фрижидер, човек, дете и слично.
Според информациите, сликите кои биле објавувани по групите доаѓаат од тест верзија од Roomba правосмукалка која била давана на вработени и други луѓе кои знаеле за што ќе се користи овој уред. Тие според изјавите од iRobot имале и потпишано договор дека снимките од нивните домови ќе се користат за тренирање на вештачка интелигенција.
Сепак, се поставува прашањето дали вакви слики и снимки се користат и од крајните корисници кои немаат дадено ваква дозвола, односно дали можеби тие се согласуваат на вакво нешто како дел од долг текст за приватност.
Сликите кои биле споделувани содржеле приватни активност, меѓу кои „најлошо“ нарушување на приватноста прави сликата од жена во тоалет.
Сличен случај можевме да видиме и минатата недела кога вработени во Tesla имаат споделувано слики од камерите на автомобилите од компанијата, некои од нив приватни дури и од гаражата на Елон Маск.
Причината поради која тренирањето на вештачката интелигенција доведува до вакви случаеви е што за истата се потребни реални слики, за да може што подобро да бидат тренирани моделите.
Дополнително, тренирањето мора да се направи со помош на луѓе кои потврдуваат што е тоа што е прикажано, односно не може ВИ целосно сама да се тренира.
Ваквите случаеви покажуваат дека треба да се внимава какви уреди се користат, како и на што се дава согласност при нивното користење.