Светот на политичкото, јавното, е комплексна матрица. Често се менуваат играчите, но некако работите остануваат исти. Тешко се помрднуваме напред, кон послободно општество. Едноставно често се менува кој седи на тронот, но ретко се менуваат правилата на игра кои се наштеловани во корист на финансиските моќници и функционерите. Без разлика на светот кој се менува, моќта е ригидна и знае самата да се реплицира, да ја создава сопствената нужност и самата да се рекламира како решение.
Предизвикот на секое општество кое цели кон слобода (што е пак прашање само по себе колку македонецот сака слобода, бидејќи слободата мора да се осеќа како морална нужност, да се спознае, но и да знае како да се брани и воспостави) е како да се спречи централизација на моќта. Со други зборови, не е сржта на проблемот кој ќе седне на тронот, туку кој и да седне да нема моќ да управува со животите на другите. Патем, единствените општества кои може денеска да се наречат развиени се имаат соочено со овој предизвик – и победиле (генерално, со либерално-пазарни политики и култура).
Прашањето на текстот е како до слободно општество, дефинирано како заедница во која секој е free to pursue his happiness без никакви ограничување, се додека ги почитува еднаквите права и слободи на другите. За една ваква важна мисија мислам дека сите алатки и мирољубиви методи треба да бидат добродојдени – од едукација, до граѓански и политички активизам, па се до неконвенционални проекти како Free State Project во Њу Хемпшир, САД.
Во либертаријанските кругови еден од познатите есеи на оваа тема е „Четирите стратегии за либертаријански промени“ од проф. Мареј Ротбард. Тој разгледува неколку стратегии за достигнување на идеалот, слободно општество – од повлекување од политиката (наоѓање лична зона на слободата), до граѓанската непослушност на Ла Боети и Ганди, па се до промена од „горе“. На крај заклучува дека никоја од овие стратегии не ветува резултат на долг рок што го остава читателот со чувство на празнина и песимизам.
Дваесет години по текстот на Ротбард, либертаријанскиот про-пазарен институт Като од САД организира дебата на истата тема. За нас на Смарт портал можеби најинтересен есеј во дебатата е оној на мега звездата од Силиконската долина, либертаријанецот, претприемач и инвеститор Питер Тиел (меѓудругото, еден од првите инвеститори во Фејсбук и ко-основач на PayPal).
Тиел е разочаран од придонесот на политичкиот активизам на либертаријанците – патем, смета дека енергијата потрошена во едукација и политичкиот активизам нема и не може да вроди со резултат. Едноставно, слободата не е популарна помеѓу мнозинството, освен на хартија. Се бараат лесни решенија, најчесто платени со туѓи пари и присилно имплементирани преку апаратот на државата. Моќта опива, а пијаните властодршци носат решенија кои само звучат морално исправни преку мејнстрим медиумите. А некогаш, за мнозинството граѓани, ова е повеќе од доволно.
Според учесниците во дебата, ниту неограничената демократија не е баш наклонета кон слободата. Политичките партии освојуваат избори со продавање на идни политички услуги на разни лоби-групи. Оние кои нема да ветуваат вработувања, брда и планини – платени со туѓи пари – се во понезавидна позиција да привлечат финансиери и гласачи. Либертаријанците не ветуваат ништо, освен слобода да си го задржите она што сте го заработиле.
Оттука, Питер Тиел не само што политиката не ја гледа како решение, туку сосема напротив:
Политиката ги прави луѓето агресивни и нервозни, уништува потенцијални пријателства и ги поларизира визиите на луѓето – едни против други, добри луѓе против останатите. Политиката е како да им се мешаш во животите на другите луѓе без нивна согласност. Прљава е. Затоа и најверојатно либертаријанците [кои целат кон сосема друг правец: м.з.] имаат толку мал успех во политиката.
Но, тогаш ако не можеме да смениме многу со едукација, ниту пак со политички активизам, што ни останува?! Питер Тиел, карактеристично за high tech претприемач и инвеститор од Силиконската долина, има неколку неконвенционални предлози кои се базираат на идејата на создавање нов свет, нов простор надвор од дофатот на грабливите политичари и државата. Тој нуди три решенија во кои смета дека треба сериозно да се инвестира капитал и енергија во иднина:
- Сајбер-просторот (Интернетот). Тиел верува дека дигиталниот свет има потенцијал да го промени реалниот. Отворање нова фирма во сајбер-просторот може да значи создавање на целосно нов свет како што тоа го направија Фејсбук, Биткоин или пак PayPal. Но прашањето останува: можат ли овие претприемачки активности да ја променат политиката и да ја ограничат долгата рака на Државата?!
- Вселената. Како простор надвор од рацете на владите, вселената е неограничен простор во кој може да се градат слободни општества. Но, ова е сеуште научна фантастика, без разлика на сериозните обиди на Елон Муск и Ричард Брансон да се комерцијализираат вселенските летови.
- Освојување на водите. Покрај сајбер-просторот и вселената, Питер Тиел гледа можност во слободните зони во морињата и океаните да се градат футуристични слободарски општества. Според него, технологијата за да се создадат слободарски општества на вода ни е на дофат, и верува дека доволен број луѓе, претприемачи и фирми ќе се пријават за еден ваков проект. Оваа опција Тиел ја смета за најреалистична. Патем, на оваа идеја Питер Тиел со Патри Фридман работат уште од 2008 година преку The Seasteding Institute за што ќе говориме и понатаму.