Google ги претстави, како што ги нарекува новиот вид на Chrome апликации минатата година. Тоа се апликации кои што исто како и веб апликациите во Chrome се направени во HTML5, CSS и JavaScript, меѓутоа ја имаат способноста и ресурсите на локалните апликации на оперативниот систем. Овие апликации беа прво достапни на Windows, по што следеше нивното претставување и на OS X.
Добиени беа информации дека Google развиваат алатка преку која овие апликации ќе може едноставно да бидат префрлени на мобилните оперативни системи. Истата не беше официјално потврдена, меѓутоа очекувањата беа дека истата ќе биде претставена оваа година.
Google вчера и официјално ја претстави достапноста на оваа алатка, со што ја потврди точноста на претходните информации. Алатката е сеуште во развој, па достапната верзија е во рана фаза на тестирање и достапна на програмерите. Истата работи на основа на Apache Cordova, open source рамка за развивање на мобилните платформи која овозможува развивање на локални мобилни апликации со користење на HTML, CSS и JavaScript. Оваа алатка едноставно кажано и додава на Chrome апликацијата „обвивка“ која што ја прави локална за дадената мобилна платформа. Со тоа таа може да биде поднесена во Play Store на Android и во App Store на iOS. Овие апликации ќе ја имаат можноста за:
- Најавување на корисниците на сервисите
- Плаќање во апликацијата (на почеток само на Android)
- Push пораки во апликациите од серверот на апликацијата
- Можноста за користење на дата конекцијата
- Нотификации (на почеток само на Android)
- Користење на локалната надворешна меморија
- Пристап до фајловите во Google Drive
- Извршување на задачи периодично, на пример, аларми.
Поради фактот што оваа алатка е во развојна фаза сеуште нема да видиме Chrome апликации на мобилните уреди, односно ќе треба да се причека одреден период на тестирање пред истите да почнат да излегуваат.
Предноста на развивањето на апликации на овој начин е нивната компатибилност низ разните платформи. Апликациите кои ги развиваат програмерите ги развиваат во локалниот програмски јазик на платформата за која што развиваат. Направената апликација може да биде пуштена само на таа платформа, па доколку тие сакаат таа апликација да работи на друга платформа, треба да направат целосно нова апликација. Со користењето на HTML5 се олеснува оваа работа преку многу поедноставно развивање на апликациите кои со мала промена би биле компатибилни со сите платформи, односно достапните оперативни системи за мобилните уреди, но и за десктоп компјутерите.
Извор: Google Blog