Oculus Rift е уред кој што е дел од зачетокот на виртуелната реалност и овозможува (барем визуелно) да се доживуваат други, симулациски светови. Самата платформа ветува многу и полека ги надминува почетните проблеми кои ги имаше како главоболки и лоша резолуција. Дополнително што ќе го помогне нивниот развиток е фактот што Oculus VR беа купени од Facebook. Сепак, се` уште нема многу проекти кои ја употребуваат платформата.
Сега руската компанија дизајнер на игри Нивал (кои седат позади големи наслови како Blitzkrieg, Heroes of Might and Magic V и Silent Storm) го извадија својот најнов виртуелен свет за Oculus Rift и тој не е само игра. Тој нуди лесно и визуелно истражување на човековиот мозок и гледање на невроните одблиску. Во исто време се борите против „лоши“ неврони со тоа што ги гледате дур не се уништат.
Според Сергеј Орловиски, основачот на Нивал, „Игрите често се критикувани дека се бескорисни. Помисливме како да направиме нешто позначајно и дојдовме до идејата за едукација. Треба да се обидеме да иновираме во едукацијата. Тоа е поголем пазар и е подготвен да биде сменет. Според мене, многу е застарен“.
„Играта“ се базира на графичкиот систем Unity и засега нема многу работи кои можат да се прават во неа освен натпреварување во гледање со лошите неврони. Но според Сергеј, „Иновирањето во едукацијата е добро. Ние можеме ова да го дадеме бесплатно, и подобро е отколку да слушаш предавање. Нашиот систем за едукација не станува воопшто подобар. Ако фрлите поглед на работите како онлајн курсеви, процентот на луѓе кои ги завршуваат е многу низок. На луѓето им фали мотивација и ние се обидуваме да ја постигнеме истата. Ова е нашата идеја за игрификација“.
Секако, повеќето од оние кои играле разни игри, особено такви кои истражувале нови технологии и светови како Sid Meier’s Alpha Centauri, Half-Life или Mass Effect знаат дека некои од сознанијата кои ги стекнале во тие игри веројатно немало да ги стекнат на друго место. Некои од нив продолжиле да ги истражуваат тие појави или технологии кои се спомнати или обработени во игрите кои ги играле и подоцна можеби им станале точка на интерес, па дури и професионална кариера.
Од Нивал изјавија дека планираат да прават 15-минутни „курсеви“ по биологија низ играта. Ако успеат да развијат добар систем на игрификација на истражувањето можно е да постанат револуционери во едукацијата и игрите.
Извор: VentureBeat