Сегашните „стандардни” батерии кои се во широка употреба базирани на литиум-јонска технологија имаат повеќе недостатоци. При оштетување има опасност да изгорат или експлодираат, бавно се полнат, брзо им се потрошува животниот век и не држат доволно полнеж.
Истражувачите од Стенфорд Универзитетот доразвија батерии на комбинацијата алуминиум-јон кои се безбедни (не можат да експлодираат или изгорат при дупнување) и се полнат за само една минута.
Технологијата на алуминиум-јон веќе постои и е предмет на истражување на истражувачите во оваа област, но главниот проблем со нив е што не е лесно да се пронајде материјал за анодата и катодата кој нема да се троши пребрзо. Токму тоа случајно го решиле истражувачите со тоа што откриле дека графитот може да се искористи како материјал.
Со ваквиот концепт тие постигнале и далеку поголем животен век од 7.500 полнежи, за разлика од 1.000 полнежи кај сегашните литиум-јонски батерии или дури разочарувачките 100 полнежи кај досегашните алуминиум-јонски батерии. Како што напишав погоре брзината на полнење им е околу една минута, а нивниот состав овозможува да бидат свитливи, што ќе им помогне на разни производители на други производи кои би можеле да ги сместат во мали и специфични простори.
Секако дека покрај добрите работи постојат и неколку недостатоци кај овие прототипови кои засега им оневозможуваат да бидат веднаш применливи на пазарот. За почеток, тие засега даваат околу 2 волти за разлика од 3,6 волти кај другите батерии. Дополнително нивниот капацитет е доста помал од литиум-јонските батерии (40 вати/кг за разлика од 100 или 260 вати/кг). Истражувачите се сигурни дека ќе можат да ги подобрат овие карактеристики и да рашират еден нов вид на подобри батерии на пазарот.