Microsoft Research, односно одделот на софтверскиот гигант кој работи на истражувањето во нови, модерни технологии, го доби првото место на натпреварот за системи кои препознаваат фотографии.
Во натпреварот, тимови од неколку различни компании, како Microsoft, Google, Qualcomm, Intel, Tencent и неколку помали стартапи, се натпреваруваа во препознавање на фотографии, без помош од човек. Тоа ги прави овие софтверски решенија многу важни за развојот на вештачката интелигенција, за која прв чекор ќе треба да биде распознавањето на околината.
Системот на Microsoft комфорно победи на натпреварот во скоро сите категории и тоа благодарение на специјалните невронски мрежи, кои се компјутерски процес што ја имитира работата на човечкиот мозок. Невронските мрежи на Microsoft ги карактеризира тоа што можат да препознаваат 152 различни слоеви на фотографијата, што е големо оптоварување за една компјутерска невронска мрежа, бидејќи резултира со губење на многу податоци и сигнали кои само поминуваат низ системот.
Затоа, истражувачкиот тим на Microsoft развил комплексен систем, кој подобро ги распределува сигналите низ невронската мрежа. Благодарение на ова, нивниот софтвер за препознавање на фотографии буквално „ја прегази“ конкуренцијата во препознавање на фотографиите. И да појасниме – тука не се работи само за препознавање на лица, туку на секаков вид на фотографии.
Во натпреварот инаку на тимовите, односно нивните системи, им биле дадени 100.000 фотографии од Flickr и неколку различни пребарувачи, во 1000 различни категории. Системот потоа треба да ја погоди категоријата во која се наоѓа сликата, како и објектите кои се наоѓаат на неа. Системот на Microsoft успеал да го направи тоа со само 3,5% грешки при препознавањето на класификацијата, односно само 9% при препознавање на објектите.
Проектот за препознавање на фотографии во Microsoft веќе се покажа и во Project Oxford, во кој прилично успешно ги погодуваше годините на луѓето на сликата, емоциите на луѓето на сликата, односно колку двајца близнаци се навистина идентични, препознавајќи ги разликите меѓу нив. Сличен систем на Microsoft веќе се користи и за преведување на Skype во реално време, односно директен превод на она што го зборува соговорникот, што е навистина големо достигнување.
Овој проект на Microsoft може многу да придонесе за развивањето на продуктите и сервисите, особено оние кои ја вклучуваат и околината, како HoloLens. Ваков уред, со можност да препознае се околу него, би отворил многу можности за дивелоперите и ултимативно, ќе придонесе за компјутери кои ќе бидат навистина интелигентни и кои ќе можат да му помогнат на човекот во реално време.
Извор: Venture Beat, WinBeta