tesla-suit-virtual-reality-suit-tesla-studios-vr-gaming-660x330

Деновиве се` поактуелни стануваат системите за таканаречените „виртуелна реалност“ и „надградена реалност“. Иако идејата за замена на нашата „ограничена“ реалност со друга во која можете да бидете што сакате и кога сакате е навистина интересна перспектива, сепак, досегашните системи се прилично ограничени и се базираат на системи за сервирање видео-аудио содржина.

Запознајте се со Tesla Suit – оделото кое ќе ви овозможи целосно навлегување во виртуелниот свет. Овој уред, или поточно, колекција на уреди, се базира на повеќе малечки уредчиња кои се поставени на повеќе различни делови од телото: половината, торзото, рацете, дланките, нозете, колената, цеваниците и слично. Уредот Т-Belt т.е. појасот кој се наоѓа на половината од телото е „главен уред“ и се поврзува со системите за виртуелна реалност преку Bluetooth.

T-Belt e опремен со цела плејада сензори за движење, температура, жироскоп и слично, што овозможува пренесување на движењата од вистинскиот свет во виртуелниот. Вториот најбитен дел од Tesla Suit се деловите за дланки наречени T-Glove т.е. ракавици. Со овие ракавици можете да манипулирате со предмети во виртуелниот свет преку нивно „фаќање“, „пуштање“ и „фрлање“, а воедно ќе ви дадат и реално чувство на држење на предмет со помош на нивната електрика и механика.

Постојат и други делови од оделото кои се закачуваат на разни места (како што спомнавме погоре) за да се осети повратна спрега на информации во однос на виртуелниот свет. Интересното е што можете да ги користите сите овие сензори и демонстратори на сигнали и за други намени, на пример, за да ве потсетуваат да ја исправите кичмата, или да ве исправат во вистинската поза кога вежбате.

Чувството на допир самото одело го остварува на неколку различни начини кои пак се базираат на т.н повратна информација на допир (haptic feedback). Ова во основа значи илјадници единици распоредени насекаде по телото кои кога ќе добијат команда ќе ви го притискаат телото на тоа место, давајќи чувство на вистински допир. Дополнително, единиците имаат и можност да го ладат или топлат местото, дополнително симулирајќи вистински услови.

Според Tesla Studios, создавачите на Tesla Suit (кои, за чудо, немаат никаква врска со Tesla Motors на Елон Маск), Tesla Suit е компатибилен со сите сегашни системи за виртуелна реалност како Oculus Rift, X-Box и слично. Што значи, ќе можете да си закачите некој од овие уреди на глава и да играте Mass Effect внатре во целиот тој виртуелен свет.

Од Telsa Studios уште не знаат која ќе биде цената на Tesla Suit, но очекуваат да го пласираат на пазарот некаде во 2016 година. Со нетрпение чекаме да го видиме нивниот пазарен успех и воведувањето на револуција во светот на виртуелната и надградената реалност.

Извор: GeekSnack, Tesla Studios, BoingBoing

Претходна статијаApple купи стартап компанија специјализирана за GPS технологија
Следна статијаFizzics – уред кој вашето евтино пиво ќе го направи прва класа