Image result for black mirror

Ако веќе сте гледале некоја епизода на Black Mirror тогаш знаете дека серијата се занимава со технолошката анксиозност и начините на кои човештвото и човечноста се распаѓаат поради длабоката навлезеност на технологијата во нашите животи. Од тој аспект, Black Mirror нуди прилично песимистична и морничава слика за иднината, и за врската помеѓу општеството и технологијата, прикажувајќи ја технологијата како главен причинител за бавната пропаст на човештвото.

Не мора да се согласувате со оваа иднина за да признаете дека она што е прикажано во серијата изгледа сосема остварливо во блиска иднина. Токму тоа е и поентата на Black Mirror: да ни прикаже иднина која ни е речиси на дофат, со која би можеле на некој начин да се поистоветиме, а не да ја чувствуваме како предалечна која изгледа невозможна од денешен аспект.

Првите две сезони од серијата беа одлични, а една епизода која особено ми остави впечаток е Be Right Back од втората сезона, во која една жена одбива да го прежали својот починат сопруг, и создава клон кој ги има истите негови сеќавања и маневризми. Ако препорачувам некоја епизода со која можете да почнете, тогаш тоа е оваа. Но и покрај тоа, епизодите на Black Mirror немаат некој тематски редослед. Оттаму, можете да ги гледате зависно од тоа за што сте расположени вечерта (се надевам дека ги гледатe вечер). Повеќето од епизодите се сепак хорор-приказни, а некои, како првата епизода од сезона 3 (Nosedive) се „полесни“ епизоди.

Nosedive ми беше најмалку омилена епизода од најновата сезона, од причина што не можев да се поистоветам со главниот лик (можеби поради тоа што е женско) и темата на епизодата, која прикажува иднина во која секоја интеракција помеѓу луѓето е бодувана на социјалните мрежи од самите корисници. Замислете си Uber општество, во кое корисниците не го бодуваат само искуството кое го имаат со автомобилски превоз, туку и начинот на кој ќе се насмевнете на некоја рандом личност на улица, дали ќе кажете „на здравје“ кога некој ќе кивне итн. Последиците се реални, па така еден од ликовите во епизодата е отфрлен од заедницата баш поради неговиот низок рејтинг. Тематски, оваа епизода не нуди премногу новитети (сегашноста доведена до абсурд), па затоа јас не би и дал висок рејтинг.

Image result for black mirror

Playtest e епизода која е режирана од режисерот на 10 Cloverfield Lane (кој ако не сте го гледале, обврзно сторете го тоа што поскоро), и е класична хорор приказна со твист ендинг, што не ја прави ништо помалку ефективна од другите вакви приказни. Напротив, ова е можеби моја омилена епизода на Black Mirror досега. Се работи за млад Американец кој решава да отиде на долго патување низ светот бегајќи од проблемите кои го чекаат дома и несакајќи да се справи со тегобите од своето минато. Тој заглавува во Англија каде што прифаќа gig како тестер на 3Д хорор видео игра. Тоа што следи е mindfuck во најдобра можна смисла на зборот.

Shut Up and Dance e сепак епизодата која може да предизвика реални промени во вашиот живот – односно да ве натера подобро да си ја чувате приватноста, да ставите стикер на вашата лаптоп камера или да ги избришете сите социјални профили, да се покриете со ќебе и никогаш повеќе да не излегувате надвор. Во оваа епизода (која ја гледав некој ден откако го гледав Nerve, кој обработува многу слична тема, и кој позитивно ме изненади) еден тинејџер е уценуван од непознати лица, кои го хакнуваат неговиот лаптоп и преку камерата го снимаат како се задоволува гледајќи порно филмови. Како што напредува епизодата, тој е уценуван да прави се поекстремни работи или да се соочи со објавување на снимката на сите социјални мрежи и споделена со сите негови пријатели и роднини. Крајот, како што е случај со повеќето епизоди, е прилично депресивен. Додека ја гледате оваа епизода, се чувствувате незгодно, како да она што им се случува на ликовите може да ви се случи и на вам. А тоа ја прави максимално ефективна.

Дали да ја гледам?

Ако не сфативте досега, одговорот е недвосмислено ДА. Black Mirror e фантастична серија која нуди морничава, но во голема мера остварлива слика за блиската иднина. Иако понекогаш е претерано песимистична, серијата не принудува да негуваме различни гледишта за начинот на кој технологијата може да влијае на нашите животи, и начините на кои ние преку технологијата можеме да влијаеме врз туѓи животи. Не ја гледајте по редослед, ако не ви се допаѓа одредена епизода, прескокнете ја и гледајте ја наредната. Секоја од епизодите е како да гледате посебен филм, и тоа добар филм.

Претходна статијаIntel Knights Mill Xeon Phi е нов чип за „Вештачка Интелигенција“
Следна статијаНајавените евтини VR уреди од Microsoft ќе работат и со послаби компјутери