Со оглед на тоа што сите нови компјутери доаѓаат со 64-битен процесор и соодветен оперативен систем, пожелно е и софтверот да е направен во истата архитектура. Ова зависно од софтверското решение, овозможува побрза и постабилна работа. Google ја претставија 64-битната верзија на Chrome за Windows пред неколку месеци, а истата постепено стигаше до стабилната верзија. Достапна за тестирање погодно за повеќето корисници стана при крајот на Јули кога беше достапна како бета верзија.
Од оваа недела 64-битната верзија од Chrome е достапна за сите корисници, односно веќе не ја носи бета ознаката и е достапна како дел од стабилната достапна верзија од овој прелистувач. Кога ќе отидете на страна за симнување на Chrome ќе имате дополнителна можност да ја симнете 64-битната верзија. Google Chrome 64-bit е достапен за корисниците на Linux уште од 2009 година, додека за OS X е се’ уште во бета.
Според Google, 64-битната верзија од Chrome треба да доаѓа со неколку предности и подобрувања од досегашната 32-битна верзија. Па така, оваа верзија треба да работи побрзо и постабилно, да вклучува подобра сигурност, а посебно во Windows 8. Подобрувањата треба да бидат забележливи при сурфањето на страни кои што бараат поголеми ресурси, како што се видео клиповите и игрите. Исто така прелистувачот треба многу поретко да паѓа, односно да се кочи и да не може да продолжи со работа.
Од Google исто така ги истакнуваат подобрувањата во прикажувањето на графички и медиа содржини, кои што ги имаат измерено преку тест верзиите. Па така, VP9 кодекот кој што се користи во HD YouTube видеата, има покажано подобрување од 15% во неговите перформанси на декодирање. Исто така стабилноста на прелистувачот е скоро за два пати зголемена при прелистување на типични веб страни.
Стабилната верзија од Chrome 64-bit е дел од најновата верзија од прелистувачот и го носи бројот 37 од верзиите. Покрај подобрувањата поради неговата архитектура, новата верзија од Chrome треба исто така да ги има и следните подобрувања:
- Поддршка за DirectWrite на Windows за подобро рендерирање на фонтовите
- Нови API алатки за апликации, односно екстензии
- Подобрувања на стабилноста и перформансите
Најновата верзија од Chrome можете да ја симнете преку следниот линк, каде што можете да изберете дали сакате да ја симнете 32 или 64-битната верзија.
Извор: Chromium Blog, Android Central