Познатиот Панос Панај од Microsoft, кој веќе година и половина работи во Amazon, оваа недела ја претстави наредната генерација од познатиот дигитален асистент од Amazon, Alexa.
Во неговиот препознатлив стил, Панај беше возбуден да ја претстави Alexa+, која доколку навистина функционира како што беше презентирано, ќе претставува вистински дигитален асистент кој може да направи се што ќе побара корисникот.
На вакви можности работат и од Google, а нивниот Gemini на Android веќе може да ги направи дел од најавените нови можности од Alexa+, па на крајот ќе се сведе на тоа кој асистент ќе биде поспособен да ги извршува задачите без грешки.
Претставувањето на Alexa+ од друга страна дополнително истакнува колку назад со развојот на големите јазични модели и генеративна вештачка интелигенција се од Apple. Од компанијата дел од ваквите можности требаше да ги претстават во април, но изгледа ќе доцнат, а вистинскиот напредок на Siri во овој правец се очекува дури идната година.
Што се однесува до новите способности на Alexa+, истите ги вклучуваат сите кои ги гледаме изминатите години со развојот на новите верзии од големите јазични модели. Тоа значи дека Alexa сега ќе може да разговара со корисниците уште подобро, а ќе може да извршува многу повеќе задачи за разлика од досега.
Alexa+ ќе може да го „разбере“ корисникот без разлика колку добро се изразува, ќе ги памти неговите преференции, желби и навики, а ќе биде поврзана и со повеќе сервиси за нарачка на храна, намирници и други производи, да прави резервации и слично.
Дополнително, Alexa+ ќе функционира и со помош на ВИ агенти, што значи дека ќе може да пребарува на интернет за корисникот и да извршува задачи кои подразбираат пребарување, најавување, нарачка и организирање на разни активности и слично.
Секако, останува и досега достапната можност за контрола на паметните дом, пуштање музика и повеќе, а сето ова ќе се прави доста подобро.
Очекувано, Alexa+ прво ќе им стане достапна на американските корисници, а ќе ги чини 20 долари месечно доколку не се претплатени на Prime претплатата. Ќе може да се користи преку досегашните Amazon паметни звучници, како и преку нови апликации и преку веб.