Иако на пазарот има доста Android таблет компјутери, сепак може да се каже дека Google го остави овој дел од пазарот на Apple каде iPad, во сите свои верзии, е главниот играч.
Сепак оваа ситуација почна да се менува, па при крајот на минатата година Google најави дека работи на посебна верзија од Android 12 специјално прилагодена за Android уредите со поголеми екрани, односно таблет компјутерите и уредите со екрани на преклоп.
Android 12L е името на посебната верзија, а истата донесува одредени промени кои го прават корисничкото искуство на поголемите уреди повеќе логично за поголемите екрани, а не само издолжено мобилно искуство.
На пример, „таскбар“ лентата ги прикажува поставените апликации во централниот дел, а преку истата може лесно да се вклучуваат две апликации една до друго, нешто што е доста важно кај поголемите уреди.
Исто така, Android 12L овозможува користење на Settings апликацијата, на пример, поделена на две страни, нешто што сепак е само продолжување и прилагодување на веќе постојната можност на Android.

Уште еден пример за дополнителните функции на Android 12L е поделбата на центарот за известувања, односно на едната страна се прикажуваат само известувањата, а на другата само кратенките до контролите.
Од Google најавија дека оваа година ќе го видиме Android 12L официјално кај достапните уреди и тие кои ќе бидат претставени. Од компанијата посебно ги истакнаа Samsung, Lenovo и Microsoft како три компании кои ќе почнат да го користат Android 12L кај своите уреди.