Стандардно за овој период од годината, Google ги покажува првите верзии од наредната верзија на Android, на почеток наменети за програмерите кои треба да почнат да ги тестираат своите апликации.

Android P е моменталната ознака на тоа што ќе биде Android 9.0, а кој десерт што започнува на буквата П ќе биде избран како официјалното име, ќе дознаеме во наредните месеци.

Во текот на Google I/O конференцијата се очекува да бидат прикажани повеќе детали околу оваа верзија, а треба да стане достапна и бета верзија наменета за повеќето корисници. Финалната верзија од оперативниот систем се очекува да биде пуштена некаде во есен, меѓутоа како и обично, повеќето корисници ќе ја добијат идната година.

Со оглед на тоа што се работи за Developer Preview, односно верзија наменета за програмерите, нема многу новини коишто би ги интересирале обичните корисници. Тоа посебно се однесува на графичкиот интерфејс којшто моментално нема никакви промени.

Сепак и оваа верзија не е без никакви промени кои ќе ни покажат во кој правец може да го очекуваме развојот на Android, па во продолжение еве ги најинтересните:

  • Android P ја потврдува популарноста на уредите со исечок на горниот дел од екранот, како тој кај iPhone X и Essential Phone. Поддршката за овие исечоци е вградена во оперативниот систем сега, па производителите можат слободно да продолжат да претставуваат вакви модели. Програмерите ќе може да ги тестираат своите апликации и соодветно да ги прилагодат ако е потребно.
  • Лентата за нотификации изгледа ќе добие одреден редизајн. Истиот може да се каже дека потсетува на iOS, односно е направен со заоблени агли, а дали ќе вклучува и одредени функционални промени, ќе видиме во некоја од наредните верзии.
  • Android P ќе вклучува функција која треба да ја подобри приватноста и безбедноста на корисници во ова време на „недоверба“ и „шпионирање“. Апликациите коишто не се активни во моментот, односно не се користат од страна на корисникот, туку се во позадина, нема да имаат пристап до камерата, микрофонот и сензорите на уредот.
  • Оваа верзија очекувано ќе дојде со подобра поддршка за видео и слики, односно вградени „кодеци“.

Видеото во продолжените од Android Developers можеби најдобро ќе ви ги пренесе новините во оваа верзија од Android P.

ИЗВОРZDNet
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаCloud технологиите најефективен бизнис концепт за организирана и безбедна ИТ инфраструктура
Следна статијаGoogle Maps нуди виртуелни тури низ 11 Disneyland забавни паркови
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.