Apple со мало задоцнување годинава, конечно ги претстави своите најнови и најдобри модели за оваа година. iPhone 12 Pro и iPhone 12 Pro Max беа претставени заедно со iPhone 12 и iPhone 12 mini, со што се покажаа како точни гласините дека ќе бидат претставени четири нови телефони, од кои и првиот со ознаката mini.
Одлична вест за купувачите е дека сите четири модели делат голем дел од карактеристиките, а посебно тука е важно што го имаат истиот A14 Bionic чип, кој според Apple е за 50% побрз од најдоброто што го нуди конкуренцијата во моментот.
Сите iPhone 12 моделите доаѓаат со нов дизајн, односно Apple се враќа на дизајнот со рамка од нерѓосувачки челик, со што се добива повеќе „коцкаст“ дизајн, нешто што порано беше користено од компанијата, а го врати овој стил со iPad моделите од минатата и оваа година.
За заштита на екранот се користи таканаречената Ceramic Shield заштита која овозможува до 4 пати поголема заштита од претходните генерации на телефони. Исто така, сите четири модели доаѓаат со поддршка за 5G мрежите, сите видови со што ќе може да функционираат во целиот свет.
Тоа што ги разликува Pro моделите се поголемиот екран кај Max моделот, како и камерите на задната страна и LiDAR системот за подобро искуство со изменетата реалност.

Екранот на iPhone 12 Pro е истиот како кај iPhone 12 оваа година, односно е со големина од 6,1 инч и резолуција од 2.532 на 1.170 пиксели. iPhone 12 Pro Max доаѓа со 6,7 инчен екран, поголем од минатата година и резолуција од 2.778 на 1.284 пиксели.
Поради намалувањето на рамките, годинешните модели иако доаѓаат со поголеми екрани, немаат нешто поголеми димензии, а зависно од моделот, тие може и да се помали.
На задната страна се поставени три камери со по 12 мегапиксели кои имаат можност за сликање на широки, ултра широки слики, како и камера со можност за зумирање и ефекти на сликите. Предната камера е истата како кај сите модели и доаѓа со 12 мегапиксели и се користи и од Face ID системот за отклучување на телефонот.
Кај сите модели достапна е и новата MagSafe можност која вклучува магнети на задната страна од телефонот на кои покрај безжичниот полнач, може да се „закачат“ дополнителни додатоци кои сигурно ќе ги видиме во разни креативни верзии.
Сите новини кај iPhone 12 Pro и iPhone 12 Pro Max, можете да ги погледнете на официјалната страна на овој линк https://www.apple.com/iphone-12-pro/.