Новите европски закони, кои за одредени работи оставаат впечаток дека навистина носат добро за корисниците, повторно ќе претставуваат проблем, овој пат за новите функции со генеративна вештачка интелигенција од Apple.
Според информациите, новите Apple Intelligence функции нема веднаш да им бидат достапни на корисниците во ЕУ, а засега нема информации за тоа кога истите може да се очекува да им бидат пуштени.
Покрај Apple Intelligence функциите, корисниците во ЕУ нема веднаш да ја добијат ни новата можност за прикажување на iPhone директно на Mac компјутери и негова контрола, односно новата iPhone Mirroring функција.
Apple најавува одложување на пуштањето на овие функции се додека не бидат сигурни дека тие се согласни со новите европски закони. Од компанијата не веруваат дека ќе можат да ги пуштат функциите до крајот на годината.
Не е чудо да од компанијата на овој начин вршат притисок против законите и проблемите кои за нив се појавија оваа година. Како што е познато Apple беа натерани да направат одредени работи кои никогаш не би ги направиле, како дозволувањето да се инсталираат апликации надвор од App Store.
Ова е една од ситуациите кога е подобро што не сме во ЕУ, а се надевам дека од Apple нема да не стават во иста група со земјите од унијата, како што тоа некогаш е случајот.