Фото: Apple

Тим Кук го најави претставувањето на нов уред, а претпоставките беа точни и денеска го имаме новиот уред од Apple. Како што се очекуваше, се работи за нова генерација од поевтиниот iPhone, но, како што кажуваа и гласините, тој сега има друго име, па не се работи за нова генерација од iPhone SE. 

Телефонот кој беше претставен го носи името iPhone 16e и може да се каже дека со тоа Apple оди во сличен стил на Google, со претставување на поевтина верзија од актуелната серија. 

Како што се очекуваше, има зошто новиот телефон е наречен iPhone 16e. Овој поевтин iPhone сега нуди доста повеќе од тоа што го нудеа iPhone SE моделите, па корисниците дефинитивно ќе имаат повеќе причина да го купат. 

На изглед iPhone 16e е сличен со актуелните модели, а најмногу може да се спореди изгледа со iPhone 14, ако се земат во предвид големината на рамката околу екранот и големината на исечокот. 

Сепак, iPhone 16e работи на истиот A18 чип на кого работат iPhone 16 моделите, што значи дека корисниците можат да очекуваат одлични перформанси и овој пат не добиваат доста постар чип. Единствената разлика е што кај 16е, чипот доаѓа со едно јадро помалку кај графичкиот процесор.

Поради тоа, iPhone 16e доаѓа со поддршка за Apple Intelligence, е тоа секако се знаеше дека ќе биде случајот. Корисниците ќе имаат пристап до сите функции со вештачка интелигенција кои им се достапни на останатите корисници на Apple. 

Фото: Apple

Како што се најавуваше, iPhone 16e е првиот телефон кој доаѓа со 5G чип развиен од Apple. Apple C1 е чип кој одамна се чека од компанијата и го продолжува планот за независност од другите компании, во случајот од Qualcomm. 

Во комбинација со A18 чипот и Apple C1, iPhone 16e се најавува дека ќе има одлично траење на батеријата, а од компанијата истакнуваат дури 26 часа на гледање видео, а ќе покажат тестовите колку големо е подобрувањето навистина. 

iPhone 16e доаѓа со 6,1 инчен Super Retina XDR OLED екран, заедно со Face ID, што значи веќе го нема Touch ID копчето. 

На задната страна е поставена една камера, но од Apple ја нарекуваат 2 во 1 камера поради можноста да се сликаат и слики приближени до два пати. Камерата има сензор од 48 мегапиксели, а на предната страна е достапна 12 мегапикселна „селфи“ камера. 

На страната iPhone 16e го добива новото „action“ копче, но во случајот со овој модел, корисниците ќе можат да го користат и за „Visual intelligence“ за препознавање на објекти, текст и слично. 

Нешто сепак мора да недостасува, инаку ова би бил скоро ист телефон како iPhone 16, па 16e нема MagSafe магнети на задната страна, нешто што е доста корисна карактеристика на телефоните од Apple.

Цената на iPhone 16e започнува од 599 долари во САД, а ќе видиме колку ќе чини во нашата земја.

Презентацијата на iPhone 16e беше направена во истиот стил на компанијата од изминатите години, односно преку снимено видео кое можете да го погледнете во продолжение. 

ИЗВОРApple
Претходна статијаGrok апликацијата им стана достапна на сите корисници
Следна статијаДали Google ќе овозможи поголемо следење на корисниците објаснето како подобрување на приватноста
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.