Неофицијалните информации кои ги објави The Washington Post испаднаа точни. Властите во Велика Британија барале од Apple создавање на заднински пристап, популарно наречен „бекдор“, до шифрираните податоци на корисниците и тоа не само во земјата.
Поради тоа, како што се очекуваше, Apple наместо да го овозможи тој пристап, тие ја тргнаа функцијата за дополнително шифрирање на податоците, Advanced Data Protection, за корисниците во земјата. Тоа значи дека корисниците веќе не можат да ја вклучат оваа функција, а за одреден период ќе биде побарано од тие кои веќе ја имаат вклучено, да ја исклучат за да можат да продолжат да го користат iCloud сервисот.

Со ова, корисниците ја губат можноста која беше воведена 2022 и 2023 година за додавање на од-крај-до-крај шифрирање на податоците кои се чуваат во iCloud, со исклучок на контактите и календарот.
Иако одлуката да се направи вакво нешто не е добра и може да претставува преседан врз основа на кој и други власти во светот ќе го бараат истото, добро е што сепак од компанијата не се решиле да овозможат заднински пристап. Доколку се одлучеле на такво нешто, паѓа во вода целата функција, а и угледот на компанијата кој се темели на приватноста на корисниците.
Засега не е познато дали од компанијата ја имаат обжалено одлуката на властите, а според законот, тие мораат да ги спроведат барањата, па доколку добијат на суд, тогаш ќе можат да ги вратат назад функциите.