Apple најавува тргање на нивните сервиси iMessage и FaceTime од Обединетото Кралство доколку властите во земјата ги донесат најавените промени на законот „Investigatory Powers Act“ или кратко IPA, кој првично е донесен во 2016 година.
Овие два сервиси од Apple овозможуваат шифрирана комуникација која само страните во разговорот имаат пристап до содржината, иако ова не секогаш е така. При користењето на бекап на пораките, истите стануваат достапни за Apple, освен ако не се користи новата Advanced Data Protection функција.
Измените на IPA законот кои се предлагаат бараат од компаниите да овозможат пристап за скенирање на пораките за детска злоупотреба, како и тероризам, меѓутоа јасно е дека ако пораките се скенираат, веќе не се приватни.
Дополнително, властите во Обединетото Кралство бараат да компаниите ги информираат за сите промени во софтверот и тие да ги одобрат, како и искслучување на заштитата без да се информира јавноста.
Apple засега се противи на овие промени, па имаат поднесено и жалба за истите. Сепак, оваа компанија не е единствената која има проблем со овој закон, па своите забелешки преку отворено писмо ги истакнуваат компании како Signal, Viber, WhatsApp, Threema, Wire и Element.