Неколку недели по неуспешниот „обид“ на Nothing да им ја донесе комуникацијата со iPhone корисниците на своите корисници со нивната Nothing Chat, а потоа и гаснењето на апликацијата на чија основа беше направена, сега „сините меурчиња“ конечно вистински доаѓаат за Android корисниците.
Ова сепак не е толку важно во нашата земја, па во главно ќе им користи на корисниците во САД каде има и најголем процент на iPhone корисници кои даваат големо значење на комуникацијата преку Messages апликацијата и iMessage протоколот.
Како и да е, апликацијата Beeper, која веќе е позната по тоа што овозможува iMessage пораки, сега ја овозможува оваа комуникација на многу подобар начин кој нема да ги привлекува негативните критики на досегашниот.
Ова е постигнато со промена на концептот на користење на Mac компјутери во некоја „серверска фарма“, па поврзувањето со iMessage се прави и одвива директно на серверите од Apple. Ќе биде интересно да се види реакцијата на Apple за ова.
Оваа нова имплементација на „сините меурчиња“ е претставена во нова апликација наречена Beeper Mini која веќе е достапна на Play Store и може да се користи со месечна претплата од 2 долари, после седум дневниот тест период.
Beeper Mini изгледа како еден вид на комбинација помеѓу Google Messages и Apple Messages, со поголем акцент на Material дизајн правилата од Google. Истата засега овозможува комуникација само со iMessage протоколот, односно нема поддршка за SMS и RCS.

Директната комуникација со серверите на Apple е постигната преку „обратно инженерство“ на протоколот од страна на jjtech. Тоа значи дека корисникот го најавува својот телефонски број на серверите од Apple исто како да користи iPhone и со тоа ги добива сите функции од iMessage, односно информација за прочитана порака, пишување на порака, слики и видеа во висока резолуција, измена на пораките, бришење на пораките, групни пораки и повеќе.
Главната придобивка од овој начин на поврзување и користење на iMessage е што корисниците ја добиваат заштитата од Apple, односно пораките се од-крај-до-крај шифрирани со технологијата на Apple. Тоа значи дека никој не може да ги види пораките, освен учесниците во разговорот.
Од Beeper подетално го објаснуваат начинот на којшто го имаат постигнато поврзувањето со iMessage, па истото може да се прочита тука.
Од компанијата за во иднина најавуваат дека апликацијата би требало да ги добие останатите функции, односно можноста за SMS, RCS, но и поддршка за Signal, WhatsApp, Messenger и другите.