Уште од самиот почеток Brave привлекува посебно внимание на пазарот, поради тоа што основач на компанијата е еден од основачите на Mozilla, а исто така и поради најавите дека се работи за прелистувач кој ќе даде главно значење на приватноста и брзината.
Brave е направен на основа на Chromium кодот, што значи корисниците ја добиваат компатибилноста и брзината со која првото место со години веќе го држи Google Chrome, но со посебни прилагодувања и тргање на сервисите од Google.
Од компанијата објавија дека Brave веќе петта година по ред го дуплира бројот на месечни активни корисници, па од околу 24 милиони до крајот на 2020, до крајот на 2021 прелистувачот го користат повеќе од 50 милиони корисници.

Дуплирање има и кај бројката на дневни активни корисници, па Brave го користат 15,5 милиони корисници дневно. Ова се одлични бројки кои сигурно може да се очекува дека ќе продолжат да растат и во иднина.
За споредба, Google Chrome, кој е прелистувачот број 1, месечно го користат над 700 милиони корисници.
Минатата година Brave го пушти и својот интернет пребарувач, Brave Search, па корисниците на прелистувачот добија одличен додаток кога е во прашање пребарувањето на работи на интернет, секако со акцент на приватноста.