Google Chrome, со најновата верзија, како и во неделите што следат, добива неколку мали новини кои ги подобруваат достапни функции на прелистувачот. Не се работи за големи новини или промени во дизајнот, но како и секогаш и малите го подобруваат корисничкото искуство доволно.
Првата новина е поврзана со функцијата „Safety Check“, која овозможува проверка на работи како дали се користи најновата верзија од прелистувачот, дали лозинките кои се чуваат во Chrome се пробиени некаде, дали и како е вклучена проверката на страните кои се отвораат, дали екстензиите кои се користат се проблематични и слично.
Safety Check отсега на десктоп ќе функционира автоматски во позадина, па корисниците иако можат самите да ја иницираат, истата ќе ги прави проверките без потреба од тоа.

Оваа функција исто така добива и проширување на работите кои ги прави, па истата ќе може да ги тргне дозволите кои ги имаат страните, како што се пристап до локацијата, микрофонот и слично, после одреден период на неотворање на страните.
Дополнително, доколку некои страни често пуштаат известувања, на корисниците ќе им биде понудено да ги исклучат.
Втората новина е поврзана со перформансите на Chrome, поточно со Memory Saver функцијата. Истата после одреден период ги „деактивира“ табовите кои не се отворени во моментот, со што се штеди меморијата која ја користи прелистувачот. Корисниците сега добиваат можност да изберат кои табови да биде исклучени од ова, односно секогаш да останат активни.

Третата новина е навистина корисна и може да ги замени доста од потребните апликации, како тие за белешки или непотребното дополнување на омилените страни. Корисниците ќе можат да ги зачуваат групите со табови и истите ќе им бидат достапни и на другите уреди.
Од Google даваат одличен пример кога ова е корисно, па корисниците ќе можат да зачуваат табови од страни на кои бараат идеи за поклон. Овие страни ќе останат во група и зачувани за да можат да се отворат и преку другите уреди кои се синхронизирани со истата сметка.