Discord од идниот месец ја пушта за сите корисници во светот нивната „teen-by-default“ новина која досега ја тестираше. Со тоа корисниците добиваат поставки на платформата кои се прилагодени за тинејџерите, а доколку сакаат да ги добијат сите поставки и содржина за возрасни, ќе мора да ја потврдат својата возраст.
Со тоа од Discord се приклучуваат на трендот од неколку земји во светот, како и Европската Унија, кои сакаат да воведат кратко и популарно кажано „дигитална идентификација“.
Со воведувањето на дигиталната идентификација, нешто што се бутка под изговорот за заштита на децата, што секако е добра и потребна работа, сепак се губи анонимноста на интернетот, една од главните карактеристики на оваа технологија.
Доколку ова е ограничено на неколку сервиси, може и да нема проблем, но сепак гледаме дека се планира постепено воведување за генерално користење на интернетот.
Со воведувањето на генерална дигитална идентификација, се што правиме на интернет ќе биде директно поврзано со нас, па може да замислите во кој правец би отишол светот поради тоа.
Од Discord најавуваат дека почнувајќи од идниот месец постојните и новите корисници може да им биде побарано да ја потврдат својата возраст. Тоа ќе се прави преку видео „селфи“ или преку испраќање на копија од документ за идентификација.
Додека за видео „селфито“ се истакнува дека проценката на возраста на корисникот се прави локално на уредот и тоа видео никогаш не се испраќа надвор од него, копијата од документ за идентификација е веќе друга приказна.
Од компанијата тврдат дека нивните партнери веднаш ги бришат документите по потврдата на возраста, но тоа ние секако не можеме да знаеме дали е така. Веќе можевме да прочитаме за пробивањето на дата базите на една таква компанија, по што украдени биле податоците од 70.000 корисници.
Корисниците кои ќе ја потврдат својата возраст, односно ќе докажат дека се возрасни, ќе можат да гледаат дополнителна содржина, ќе можат да се приклучат во одредени групи, ќе можат да менуваат поставки за тоа како ги гледаат пораките од непознати корисници и повеќе.
Колку и да се истакнува безбедноста на помладите корисници, ова што постапено го прават компаниите и земјите, не е добро.











































