До крајот на минатиот месец, познатата алтернатива на Google Search, DuckDuckGo, поставија анкета во која ги прашуваа корисниците дали сакаат да пребаруваат со вештачка интелигенција или без.
Резултатот мислам дека не треба да не изненади, па тој покажува дека 90% од корисниците имаат гласано дека сакаат да пребаруваат без вештачката интелигенција.
Овој резултат е целосно во рамките на расположението на доста голем дел од корисниците кои сметаат дека интеграцијата на вештачката интелигенција секаде каде што е можно, не е баш прифатливо за нив.
Една од причините за ова, покрај наметнувањето, е секако сѐ уште недоволната развиеност на ВИ, која е доста добра алатка, но далеку од рекламираното заменување на досегашните сервиси и способности кај луѓето.
Доказ за ова се критиките кои ги добива Microsoft, компанија која можеби најмногу отиде во екстрем со интеграцијата на ВИ секаде каде што е можно, па дури и во едноставната Notepad, па сега од компанијата најавија дека ќе поработат малку и на другите функции на Windows.
Резултатот на анкетата на DuckDuckGo сепак не може да се земе како целосно меродавен за расположението на повеќето корисници. Овој пребарувач го користат луѓе кои се нешто понапредни во споредба со тие кои не размислуваат што користат на интернет, па очекувано е дека понапредните корисници би имале поголем отпор кон ВИ.
Како и да е, анкетата реално ги претставува доста голем број од корисниците, кои сакаат да можат да ги користат сервисите и системите без константно мешање и промовирање на ВИ.









































