Фото: EA

Една од најпознатите „гејминг“ компании, EA – Electronic Arts, објави дека има постигнато договор за продажба на сите јавно тргувани акции на конзорциум од три компании. 

Трите компании ќе купат 100% од акциите на EA, а за тоа ќе платат 55 милијарди долари, најголемото вакво преземање и платено во кеш според компанијата. 

Акционерите ќе добијат по 210 долари по акција, што е 25% повеќе од моменталната пазарна вредност од 168,32 долари од 25 септември, додека највисоката достигната цена е од 14 август и изнесувала 179,01 долар по акција. 

Конзорциумот е составен од инвестициски фондови, односно PIF – Public Investment Found од Саудиска Арабија, Silver Lake и Affinity Partners, компанија основана од страна на зетот на Доналд Трамп, Џеред Кушнер. 

PIF веќе има удел од 9,9%, кој ќе стане дел од новиот конзорциум. 

На почеток нема да има некои посебни промени во функционирањето на ЕА, а истата ќе продолжи да ја води моменталниот директор и претседател на одборот, Ендру Вилсон.