Фото: Ferrari

Пред нешто повеќе од една недела, Ferrari презентира дел од развојот на нивниот нов електричен автомобил, Ferrari Luce. Името значи светло или осветлување на италијански и се изговара како „Луче“. 

Иако Ferrari е еден од најпознатите брендови на автомобили во светот и новиот модел изгледа одлично, барем тоа што може да се види, тоа што посебно привлекува внимание е што дизајнот на внатрешноста е направен во соработка со LoveFrom, односно Џони Ајв. 

Фото: Ferrari

Ова е можеби првиот посериозен проект на Ајв по излегување од Apple пред околу 7 години, а уште во 2021 излезе информацијата дека Ferrari стануваат клиент на LoveFrom. 

Apple го откажа планот за развој на сопствен автомобил, а тој никогаш и не беше официјално најавен. Сепак, работата на Ајв со Ferrari може најблиску да ни покаже како би изгледал еден автомобил развиен од Apple, барем во одредени делови. 

Фото: Ferrari

Од објавените слики од страна на Ferrari, може да се види нешто што е целосно очекувано, а тоа е автомобил кој изгледа различно од сите други на пазарот, па може да се заклучи и дека Џони Ајв го нема изгубено осетот. 

Дизајнот, покрај очекуваните делови со екран на допир, вклучува доста делови со класични копчиња, дизајнирани во ретро стил, односно големи копчиња кои се лесно достапни. 

Фото: Ferrari

Ајв смета дека автомобилите не се место каде што треба да има многу елементи кои функционираат на допир, како и големи екрани, а сето тоа го одвлекува вниманието од возењето. 

Екранот кај Ferrari Luce е помал од повеќето конкуренти кои одат со се поголеми екрани, а тоа посебно може да се види кај Tesla. Исто така, овој екран на предната страна има рачка која може да се користи за вртење на екранот лево и десно. 

Засега нема повеќе информации за тоа кога ќе стане достапен овој автомобил, како и која би била цената, а повеќе информации се очекува да бидат објавени во мај, кога ќе биде прикажан и целиот изгледа на Ferrari Luce. 

Инаку, главното внимание поврзано со работата на Џони Ајв изминатите некоклу години го привлекува соработката со OpenAI и сѐ уште мистериозниот прв уред кој го очекуваме оваа или на почетокот од идната година.