Официјално започна со функционирање на Find My Device мрежата која Google ја најави за време на Google I/O 2023, односно минатата година. За почеток оваа нова Android функција ќе им биде достапна на корисниците од САД и Канада, но наскоро може да ја очекуваат останатите корисници во светот.
Тоа по кое посебно се истакнува Find My Device и се разликува од досегашната можност за откривање на локацијата на Android смартфоните, е функционирањето со помош на огромниот број на други Android уреди. Сите уреди комуницираат помеѓу себе и овозможуваат откривање на локацијата дури и кога корисникот не е во близина.
Поновите Android смартфони ќе имаат можност да бидат лоцирани и кога се исклучени, а за тоа ќе се користи Bluetooth технологијата, како и генерално за функционирање на Find My Device мрежата.
Сето ова треба да функционира со шифрирање на комуникацијата и според Google земена е во предвид приватноста на корисниците. Никој нема да има пристап до локацијата, а тие кои сепак не се чувствуваат „удобно“ со една ваква функција, истата ќе можат да ја исклучат.
Find My Device може да се спореди со сличната функција кај Apple уредите, а оваа од Google овозможува и дополнителна можност за споделување со пријателите и семејството. Корисниците ќе можат да следат ист уред, како клуч, од повеќе сметки, нешто што е доста корисно за заеднички работи.