Фото: GIMP

Седум години од започнувањето на развојот од страна на програмери волонтери, дизајнери, уметници, како и од заедницата, GIMP конечно ја добива својата финална и официјална 3.0 верзија. 

Претходната поголема надградба беше пуштена во 2018 година, кога беше пуштена GIMP 2.10 верзијата, резултат на шест години развој и донесе поголеми промени кај корисничкиот интерфејс. 

Првите тест верзии од GIMP 3.0 беа пуштени во 2020 година, а сега сите корисници можат да ја надградат својата апликација или да ја инсталираат повторно, доколку решиле да и дадат шанса на друга. 

Како што истакнуваат и самите од GIMP тимот во објавата за новата верзија, има премногу новини за да можат сите да се истакнат, па еве ги дел од најголемите и најважните. 

Графичкиот интерфејс сега е направен со GTK3, нешто што е направено со измена на скоро цел код на апликацијата. Една од главните предности на GTK3 е многу подобро прикажување на елементите од апликацијата на HiDPI екрани, кои во основа и се користат од страна на дизајнерите. Апликацијата многу подобро ќе ја поднесува промената на резолуцијата, односно „scaling“ промените. 

Главната тема на GIMP сега користи CSS со што корисниците добиваат можност да ја изменат целосно како што би сакале, а уште поважно, може да се очекуваат доста интересни теми кои ќе може да се искористат. 

На крајот, GIMP 3.0 сега изворно функционира на Wayland, па иако останува поддршката за X11, корисниците на Linux ќе забележат поголема разлика во перформансите на корисничкиот интефејс. 

Фото: GIMP

Втора поголема новина која доаѓа со GIMP 3.0 е поддршката за „non-destructive filters“. Со ова GIMP доаѓа на нивото на конкурентите кога е во прашање работата со ефекти на сликите, па корисниците сега ќе ги гледаат како посебни слоеви на оригиналната слика, наместо истите да се прават директно на оригиналот. 

Ова овозможува многу полесно нивно тргање, измена, како и целосно префрлување во рамките на датотеката за да може некој друг да ја продолжи работата. 

GIMP 3.0 исто така добива и големо подобрување во поддршката на RGB бои, а посебно се истакнува AdobeRGB профилот на бои кои е очекувано доста важен. 

Фото: GIMP

Промена има и кај прозорот што се отвора при отворањето на апликацијата, па покрај новата главна слика, достапен е дел преку кој брзо може да се прилагодат одредени делови од корисничкиот интерфејс. 

Деталната листа на новини можете да ја погледнете на овој линк.

GIMP 3.0 добива и редизајнирано лого, а апликацијата е веќе достапна преку официјалната страна, како и преку повеќето Linux дитрибуции.

ИЗВОРGIMP
Претходна статијаПоднесена тужба против Apple за одложувањето на голем дел од Apple Intelligence функциите
Следна статијаSamsung ја претстави иднината на поврзаниот живот овозможен од вештачката интелигенција на World of Samsung 2025
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.