Една од главните функции која беше промовирана со пуштањето на генеративната вештачка интелигенција кај смартфоните беше „Circle to Search“. Оваа функција им е достапна на дел од корисниците на Samsung, како и на Pixel уредите од Google.
Сега оваа функција ќе можат да ја користат повеќето корисници преку нивните компјутери затоа што истата ќе стане достапна преку десктоп верзијата од Google Chrome.
На десктоп функцијата ќе го носи името „Drag to Search“, а соодветно поради работата со „глувче“, корисниците ќе можат да повлечат квадрат/правоаголник врз објектот којшто сакаат да биде побаран.
Drag to Search доаѓа како дел од Google Lens функцијата која е одамна достапна, а корисниците ќе можат да ја вклучат преку менито на Chrome и избор на можноста „Search with Google Lens“.
Оваа новина сега е достапна во Chrome 128, верзија која е во бета каналот, што значи не им е достапна на сите корисници. Со оглед на достапноста во бета, значи дека можеме да очекуваме наскоро пуштање за сите корисници, иако тоа не гарантира дека може да се очекува при пуштањето на финалната верзија од Chrome 128.
Корисна функција до која наскоро многу поголем број на корисници ќе имаат пристап и ќе можат полесно да бараат одредени работи.
Инаку, за корисниците кои се’ уште не ја виделе оваа функција, истата служи за пребарување на работи кои корисниците ги гледаат на некоја слика или видео. Тие можат да заокружат или повлечат преку објектот којшто ги интересира, по што тој ќе биде препознаен и прикажани Google Search резултати од такви и слични работи.