Со пуштањето со најновата верзија, поточно Chrome 121, Google претстави и три нови функции кои се направени благодарение на генеративната вештачка интелигенција. Може да се каже дека од компанијата ја интегрираат ВИ на начин доволно корисен и дискретен, не како што тоа го прави Microsoft наметливо и во секој можен производ.
Новите функции за почеток им се достапни на корисниците во САД, а и за нив се експериментални, односно треба да бидат посебно вклучени за да можат да се користат.
Тие вклучуваат паметно организирање на отворените „табови“, креирање на теми со помош на ВИ, како и помош при пишување на текст на било кое текст поле на веб страните.
Организирањето на табовите е посебно корисно за тие кои имаат отворено повеќе табови, бројки кои се во десетици, ако не и повеќе. Функцијата ја надоградува веќе достапната Таб Groups, па вештачката интелигенција е тука групирањето да го направи автоматски.
Во основа, ВИ врз основа на отворените страни, ќе предложи кои од нив да бидат групирани, а ќе предложи дури и име за групата, па и икона.
Групирањето може да се направи со десен клик на еден од табовите или на новата стрелка поставена на левата страна од табовите.
Доста корисна е и функцијата за генерирање на текст, па корисниците ќе можат да напишат нешто кратко, а ВИ да го среди и направи подобро и подолго.

Што се однесува до темите, корисниците ќе можат да изберат неколку параметри, па вештачката интелигенција ќе ја генерира сликата, врз основа на која ќе бидат поставени и боите.
Нешто слично Google воведе и кај Android изминатите години, па корисниците имаат можност да внесат насока врз основа на која ВИ ќе им генерира слика за позадината.