Google Earth Pro е верзија од познатата програма која што доаѓа со повеќе функции и можности за корисниците. Обично беше наменета за компаниите кои што би имале корист од додатните функции, па затоа беа и спремни да плаќаат за сервисот.
Претплата до сега изнесуваше 400 долари годишно, што не е воопшто малку, посебно ако сте обичен корисник кој што сака да ја користи Pro верзијата за некој приватен проект и слично.
Google преку својот Maps блог, во петокот информира дека ја трга цената за користење на Pro верзијата и истата сега може да ја користат сите корисници бесплатно. Ова е навистина големо намалување на цената, кое што сигурно ќе ги израдува голем број на корисници.
За да може да се користи Google Earth Pro потребно е регистрирање за добивање на бесплатен клуч кој што може да се добие преку следната страна.
Инаку, некои од предностите на Pro верзијата вклучуваат можност за 3D мерење на објектите, снимање на HD видеа од областите, како и поголема резолуција на screenshot слики. Оваа верзија исто така овозможува и прегледување на демографски информации за регионите, алатка за креирање на мапи, повеќе можности за мерење и повеќе.
Google Earth Pro можете да ја симнете преку следниот линк, а истата е достапна за Windows и Mac корисниците.
Извор: Google