Само еден ден по неофицијалните најави дека Google го одложува претставувањето на Gemini за идната година, од компанија го направија токму спротивното. Gemini е официјално претставен, а уште денес е додаден како основа за Bard, односно едната од трите верзии кои ќе бидат достапни.

За почеток Gemini во Bard ќе може да функционира само на англиски, а тоа беше и истакнато како причина зошто овој јазичен модел требаше да биде одложен за идната година од страна на неофицијалните извори. Изгледа од Google се имаат премислено, а причината за тоа до некаде може да се види и од објавата на способноста на Gemini.

Кога викам способноста на Gemini, не мислам дека овој јазичен модел се нема покажано добро, но ако се видат резултатите каде скоро во сите е подобар од GPT-4, сепак најчесто за не толку многу, може да се заклучи дека претставувањето идната година немаше да биде баш „паметно“.

Gemini е претставен во три големини, како што ги нарекуваат од Google, односно Gemini Ultra, Gemini Pro и Gemini Nano.

Најмалата верзија е замислена да функционира на самиот уред, без потреба од сервери, па може да се очекува во Android, додека Gemini Pro е модел кој веќе е дел од Bard од денеска, а може да го очекуваме и во другите апликации од компанијата.

Gemini Ultra е најголемиот и најспособен модел од Google направен досега и ќе биде користен за високо сложени задачи. Оваа верзија, односно оваа големина ќе биде пуштена идната година.

„Ние ригорозно ги тестиравме нашите Gemini модели и ги оценувавме нивните перформанси на широк спектар на задачи. Од природно разбирање на слики, аудио и видео до математичко расудување, перформансите на Gemini Ultra ги надминуваат тековните најсовремени резултати на 30 од 32 широко користени академски репери што се користат во истражувањето и развојот на големи јазични модели (LLM). Со резултат од 90,0%, Gemini Ultra е првиот модел кој ги надмина човечките експерти на MMLU, кој користи комбинација од 57 предмети како што се математика, физика, историја, право, медицина и етика за тестирање на знаење и способности за решавање проблеми.“ – истакнуваат од Google.

Во овие тестови кои се споменуваат Gemini е подобар во скоро сите од GPT-4, но маргината е прилично мала во голем дел од нив. Јасно е дека GPT-5 нема да биде послаб од Gemini кога ќе биде претставен идната година, па Google мораше да побрза со пуштањето на првата верзија од нивниот модел.

На овој линк можете да ја погледнете блог објавата од Google каде детално се објаснува работата на компанијата во областа на вештачката интелигенција, како и способностите на Gemini.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2Google
Претходна статијаBeeper Mini ја донесува iMessage комуникацијата на Android
Следна статијаПретпродажбата на паметниот телефон Samsung Galaxy S23 FE е достапна во Македонија
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.