Google ја претстави наредната генерација од нивните Gemini јазични модели, Gemini 3. Како што истакнуваат од компанијата, секоја наредна верзија е направена на основа и со подобрувања од претходната, па Gemini 3 донесува доста подобро разбирање на барањата на корисникот.
„Тоа е најсовремена технологија во размислувањето, изградена за да ја сфати длабочината и нијансата – без разлика дали станува збор за согледување на суптилните индиции во креативна идеја или за раздвојување на преклопувачките слоеви на тежок проблем. Gemini 3 е исто така многу подобар во откривањето на контекстот и намерата зад вашето барање, така што го добивате она што ви треба со помалку прашања. Неверојатно е да се помисли дека за само две години, вештачката интелигенција еволуираше од едноставно читање текст и слики до “читање на просторијата“.“ – истакна Сундар Пичаи, директорот на Google и Alphabet.
Како што би се очекувало, Gemini 3 посебен акцент става на способноста за работа со агенти, односно правецот во којшто оди развојот на вештачката интелигенција, способноста да извршува активности во име на корисникот.
Тука посебно се истакнуваат подобрувањата поврзани со програмирањето, а Google посебно ги истакна програмерите кои во основа и не се програмери, па ја користат вештачката интелигенција да им напише код. Овој вид на програмирање популарно се нарекува „вајб програмирање“.
Во овој правец Google ја претставија и нивната апликација за пишување код, направена на основа на VS Code, наречена Google Antigravity. Главната карактеристика на апликацијата е ставена на способноста за работа со ВИ агентите, па се гледа дека главна цела група повторно се „вајб програмерите“.
Секако, тука е можноста да се користи апликацијата и за целосно пишување на кодот, а корисниците можат да го изберат нивото на помош кое ќе го добијат од ВИ и начинот на којшто ќе се прифаќа помошта.

Од Google ги истакнуваат и подобрувањата на Gemini 3 во споредба со претходните генерации, како и конкурентните јазични модели, а врз основа на повеќе тестови кои се користат изминатите години за прикажување на способноста на моделите.
Gemini 3 ќе им стане достапен на корисниците преку мобилните апликации, како и преку веб, а за корисниците во САД овој јазичен модел веднаш ќе стане достапен и преку Google Search, односно ВИ режимот.
Целата најава од Google можете да ја прочитате тука.










































