Google Now Launcher беше претставен минатата година заедно со Nexus 5 и Android 4.4 KitKat. Карактеристично е што launcher-от беше направен како посебна апликација, наместо да биде интегриран во оперативниот систем, што овозможи истиот да биде достапен и за други корисници, без потреба од користење на точно одредена верзија од оперативниот систем. Исто така тоа овозможува да биде користен од страна на корисниците чии што Android верзии се целосно изменети од производителот на телефонот, што го вклучува и launcher-от на уредот.
Новиот launcher од Google доаѓа со Google Search интеграција на главниот екран и можност за покренување на пребарување со едноставно кажување на командата “Ok, Google”. Исто така launcher-от вклучува и неколку измени на дизајнот, меѓу кои највпечатлива е транспарентноста на долната и горната лента. Исто така со апликацијата ги добивате и позадините кои што се достапни со секоја нова верзија од Android оперативниот систем.
Од оваа недела Google Now Launcher е достапен за сите корисници на Android кои што ја користат верзијата 4.1 и понова. Апликацијата е достапна во Play продавницата и можете да ја инсталирате на вашиот уред. Сепак launcher-от ги менува само home екранот и листата со апликации, па доколку користите верзија од Android која што е изменета од производителот, голем дел од тој дизајн ќе остане.