Живееме во време кога се повеќе уреди влегуваат во категоријата на паметни преку вклучување на интернет, додавање на екрани на допир, контролирање од мобилна апликација и слично. За разлика од повеќе години на користење на паметните телефони и таблет компјутери, во категоријата на паметни влегуваат и телевизорите, а полека тоа станува нормално и за фрижидерите, термостатите, автомобилските табли, очила, часовници, меѓу другите.
Според комуникација на Google со американската Комисија за хартии од вредност, тие не ја исклучуваат можноста во иднина на сите овие уреди кои што стануваат „паметни“ да прикажуваат реклами. Па така корисниците во иднина додека ја местат температурата во својата соба, ќе може да бидат потсетени да купат некој производ, како што тоа сега е нормално за веб страните, апликациите на паметните телефони и слично.
Од компанијата изјавуваат дека моментално немаат вакви планови и дека комуникацијата со комисијата е само нешто што може да биде така во иднина, меѓутоа тоа не е одраз на нивните сегашни планови. Интересот за ова е и до некаде поголем поради купувањето на Google на почетокот од годината на Nest, компанија која што го изработува познатиот паметен термостат, како и други производи.
Во време кога приватноста се смета како нешто ретко, загриженоста на корисниците од прикажувањето на реклами е поради тоа што тие обично се проследени со собирање на што повеќе информации од нив за нивните навики, посетени страни и слични информации кои што ќе им овозможат на огласувачите рекламата да ја достават до вистинскиот корисник.
Производите и сервисите кои што ги развива Google се често бесплатни, а познато е дека главниот извор на приходи на компанијата се рекламите, па нивното вклучување на секое можно место не е изненадувачко, дури и треба да се очекува во иднина.
Извор: WSJ