Како што беше најавено, Huawei денеска ги претстави своите најнови смартфони од P серијата. P20 и P20 Pro беа претставени на настан којшто се одржа во Париз, поточно во Grand Palais.
Повеќето информации веќе ги имавме, па денешниот настан може да го искористиме за да ги потврдиме истите и уште еднаш, овој пат официјално, да ги презентираме.
Huawei P20 доаѓа со 5,8 инчен екран изработен во LCD технологија. Има сооднос од 18,7:9, односно направен е во стилот како и сите нови телефони од високата класа. Резолуцијата на екранот изнесува 2244 на 1080 пиксели, со густина од 428 пиксели на инч.
Huawei P20 Pro доаѓа со 6,1 инчен AMOLED екран со иста резолуција како „послабиот“ модел, со што добива нешто помала густина на пикселите од 408 пиксели на инч.
Двата телефони се направени во сега веќе популарниот стил како iPhone X и Essential Phone, односно имаат исечок на горната страна од екранот, но помал од своите конкуренти.
Она што ги издвојува од другите е сензорот за отпечатоци кој е поставен на предната страна, меѓутоа не под екранот како што би се надевале многу корисници. На долната страна е оставена доволно голема рамка за да го собере сензорот.
Она што ги издвојува овие телефони од повеќето други е и изборот на бои. Покрај стандардните, еднобојни варијанти, Huawei се одлучи да направи и двобојни модели со бои кои се прелеваат.
Инаку, двата модели работат на Kirin 970 чипот, со 4GB и 6GB RAM за P20, односно P20 Pro и 128 GB простор за складирање кај двата модели.
P20 доаѓа со двојна камера на задната страна со 20 и 12 мегапиксели, односно едната стандардна, а другата црно бела камера. Предната камера има исто така одлични 24 мегапиксели, па се гледа дека љубителите на селфи нема да бидат загрижени за нивните слики.
Она што го привлекува главното внимание на денешното претставување е P20 Pro моделот којшто доаѓа со тројна камера. Едната доаѓа со 40 мегапиксели, црно белата со 20, а третата наменета за зумирање доаѓа со 8 мегапиксели. На предната страна и овој модел ја има истата 24 мегапикселна камера.
Кај двата модели камерите се направени со леки од Leica, така да за квалитетот нема потреба да се прашуваме и сомневаме.
Она што ќе додаде на квалитетот на камерите е чипот наменет посебно за Вештачка Интелигенција. Со ова телефоните добиваат помош при сликањето, односно одлучување за кои камери и како да се користат, а исто така ново, добиваат и помош при стабилизација на сликата.
Батериите се со капацитет од 3.400, односно 4.000 mAh, па може да се очекува стандардна работа од еден до два дена, зависно од стилот на користење на корисникот.
Двата модели работат на најновата верзија од Android, односно 8.1 Oreo, а врз нив е поставен посебниот „скин“ од Huawei, EMUI 8.1.
Huaewi ќе ги продава овие модели по цена од 680 евра за P20, односно околу 900 евра за P20 Pro моделот.