Фото: Workbench Entertainment

Познатите IGN на својот YouTube канал го објавија најновиот „трејлер“ за играта Olga – Episode 1. Како што веќе пишувавме при првичната најава за овој наслов, станува збор за видео игра која е во активен развој од страна на македонското „гејминг“ студио Workbench Entertainment. 

Новото видео служи како официјална најава за првата епизода и им овозможува на гледачите да го видат визуелниот и концептуалниот правец на играта.

Во видеото е прикажана околината во која е сместено дејството, односно македонското планинско село Беловодица. Архитектурата и дизајнот на локациите се инспирирани од фолклорот и традицијата на овој предел. Видеото се фокусира на есенскиот пејзаж, прикажувајќи ги мирните предели кои корисниците ќе можат да ги истражуваат од перспектива на прво лице. 

Приказот во „трејлерот“ ја потврдува природата на играта, која се базира исклучиво на линеарно истражување и наратива, без присуство на борбени механики или временски ограничувања.

Според информациите наведени во видеото на IGN, приказната ја следи главната протагонистка Олга за време на нејзината посета на домот на нејзините баба и дедо. Играчите ќе ги следат нејзините спомени од детството со цел постепено да ги откриваат информациите поврзани со минатото на селото. Механиката на играње се сведува на интеракција со околината и следење на приказната преку темпо кое самиот играч го одредува.

Olga – Episode 1 е планирана за издавање во текот на 2026 година. Според официјалните податоци од развивачот, насловот првично ќе биде достапен за персонални компјутери, а корисниците во моментов можат да ја додадат играта во својата листа на желби преку Steam.