Во јануари оваа година, кога започна првата забрана за TikTok во САД, главниот на Instagram во Meta, Адам Мосери, најави неколку новини поврзани со мрежата, но и нова апликација наменета за креаторите на видеа.
Апликацијата е наречена Edits и истата е директен конкурент на неколку вакви познати апликации, но најмногу на CapCut од TikTok, односно од ByteDance.
Со оглед на огромната популарност на видеата во стилот на TikTok, односно Reels, ваквите апликации се доста популарни и се користат од страна на голем број од таканаречените креатори.
Edits од оваа недела официјално стана достапна за корисниците и може да се симне преку двете мобилни платформи, односно преку App Store и Play Store.
Апликацијата е замислена да биде едно централно место преку кое корисниците ќе можат да ги изменат своите снимени видеа и да ги подготват целосно за објава на Instagram, Facebook, но и на било кое друго место.
Преку Edits корисниците можат и директно да ги снимаат потребните видеа, а достапна е и функција за користење на зелена позадина, односно измена на позадината.
Edits на корисниците им овозможува доста напредни алатки за измена на видеата слични со професионални десктоп апликации, секако прилагодени за мобилните телефони. Корисниците имаат можност да ги постават своите видеа на временска листа и целосно да го прилагодат нивниот редослед, ефектите и слично.
Покрај ова, во Edits се достапни и аудио датотеки за додавање во видеата, тука е и можноста за додавање на текст, а секако не би можело и без помошта од вештачката интелигенција која овозможува анимирање на статични слики.
За во иднина се најавуваат и дополнителни функции кои измената на видеата ќе ги направат уште понапредни.