Apple, типично за нив, се’ уште немаат влезено на пазарот на уреди на преклоп, односно уреди со екрани кои се превиткуваат. Кога ќе ги видиме тие што се достапни, станува јасно зошто од Apple чекаат, па се надеваме дека кога тие ќе претстават некој ваков уред, ќе ги нема недостатоците на конкурентите.

Гласините досега кажуваат дека Apple прво би претставиле iPad на преклоп, па дури потоа може да се очекува и iPhone. Ваков iPad се најавуваше за оваа година, но изгледа тие предвидувања и гласини нема да се остварат.

Според информации од The Elec, уред на преклоп од Apple може да се очекува во 2026 или 2027 година, а на развојот на потребниот панел веќе работат од Samsung и LG, но се додава дека повеќе се соработува со Samsung.

Уредот кој наводно би бил претставен во 2026-2027 се најавува дека би бил со големина од 6 до 7 инчи, што го остава отворено прашањето дали ќе се работи за iPhone или iPad. Со оваа големина уредот во основа станува смартфон кога ќе се затвори, па останува да видиме што точно ќе решат од компанијата да претстават.

Според најавите, а и големината на уредот, се очекува дека тој уред ќе го замени iPad mini моделот кој е со слична големина, но се додава дека оваа година се очекува додавање на OLED панел кај овој уред, па не е сигурно дали може да се очекува негова замена за неколку години.

Што и да испадне, останува заклучокот дека Apple ќе мора да понуди уред на преклоп кој е доволно тенок и лесен, а и не остава линија на местото каде што се превиткува. Според мене, доколку од компанијата не можат да го постигнат тоа, нема ни да претстават еден ваков уред.

ИЗВОРApple Insider
Претходна статијаGoogle ја интегрира генеративната вештачка интелигенција во Maps
Следна статијаWindows ќе добие сопствена Sudo команда како што ја има на Linux и macOS
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.