LG ги потврди претставките дека на крајот од овој месец ќе ја претстави наредната генерација од својот главен модел, LG G4. Компанијата почна да испраќа покани до медиумите, а исто така претстави и teaser видео.
Како што би се очекувало од ваков вид на видео, не може да се види ништо конкретно од тоа што можеме да очекуваме од новиот телефон. Она што е дадено како информација е дека G4 ќе дојде со камера која што ќе има f/1.8 бленда.
Оваа ознака го покажува степенот на отворање на блендата и примање на светлината, со што се овозможува подобро сликање во темни услови. Вредноста која што е најавена за камерата на G4 е со најдобра вредност кај мобилните телефони, а блиску до неа е само новиот Galaxy S6 со f/1.9 бленда.
Што се однесува до сензорот, се очекува камерата да вклучува 20,7 мегапикселен, меѓутоа тоа е нешто што ќе го дознаеме на денот на претставувањето на телефонот.
Во продолжение можете да го видите видеото претставено од LG, а сите фанови на телефоните од оваа компанија можат да ја следат нашата страна за повеќе информации околу претставувањето.
Интересно е што на поканата е прикажан телефон чии што заден дел е направен од кожа. Не веруваме дека главниот модел ќе биде таков, но постои можност да биде понуден посебен модел со посебна изработка. Исто така, од поканата може да се види дека LG ќе го задржат веќе препознатливото поставување на копчињата за отклучување на уредот и звукот на задната страна, наместо од страните.
Извор: Android Police, TechnoBuffalo