По примерот на новиот Twitter Blue, Meta во февруари започна со тестирање на Meta Verified, нов систем за верификување на корисниците кој доаѓа со месечна претплата. Сега Meta Verified е официјално пуштена, па корисниците во светот ќе можат да се претплатат или барем да се приклучат на листата на чекање доколку во моментот функцијата не им е достапна.
Meta Verified доаѓа со месечна претплата од 11,99 долари, односно 14,99 доколку се направи преку мобилните апликации, а поради процентот кој го земаат Google и Apple.
Со ова корисниците го добиваат познатиот на сите друштвени мрежи беџ, во овој случај исто така син, со кој на останатите корисници ќе им биде гарантирано дека се работи за проверен профил.
Проверката, односно верификацијата, се прави преку официјална лична карта, а во одредени земји потребно е и испраќање на „селфи“ видео за потврда на идентитетот.
На овој начин Meta на еден начин гарантира дека профилот на Facebook или Instagram е на личноста на која гласи и дека нема некакво имитирање, измама или слично.

Корисниците на Meta Verified покрај синиот беџ, добиваат и дополнителна заштита на нивната сметка, односно следење за можни имитирања од страна на други корисници.
Овие корисници исто така добиваат и директна поддршка од Meta, како и ексклузивни функции како што се „стикери“ на Stories и Reels на двете мрежи и слично.
Претплатата на Meta Verified може да се направи преку веб страната на Facebook или преку Facebook и Instagram апликациите, а линковите се достапни тука.