Microsoft денеска го претстави Office Mix, додаток за PowerPoint кој што ќе ви овозможи да од презентациите, нови или веќе готови, направите онлајн лекции и презентации. Во основа наменет за наставниците и студентите, овој додаток може да го најдат корисен и бизнис корисниците, но и приватните корисници. Моментално е во тест фаза и е овозможен на одреден број на корисници преку регистрирање на Preview програмата. За да работи треба да ја имате инсталирано најновата верзија од PowetPoint, односно 2013 верзијата, а доколку ја немате можете да симнете 6 месечна пробна верзија. Додатокот се симнува и инсталира како и секоја друга програма на Windows оперативниот систем и по инсталацијата додава уште еден таб на лентата во PowerPoint.
Office Mix ви овозможува да додадете аудио и видео снимки на секој слајд посебно и со тоа презентацијата да ја претворите во интерактивна лекција која што ќе биде достапна онлајн. Ова е корисно доколку не сте во можност да презентирате во живо или можеби сакате презентацијата да биде секогаш достапна на интернет. Без овој додаток презентацијата ќе биде составена само од вашите слајдови, кои што никогаш не се направени за корисникот да ги разгледува сам без притоа вие да ги објаснувате од страна. Со Office Mix можете да снимите аудио на секој слајд посебно, па тоа што во живо би го објасниле, сега ќе биде додадено на самиот слајд во презентацијата. Исто така можете да го снимите и екранот, па додека зборувате да покажувате со вашиот маус и да ги менувате анимациите во рамките на слајдот. Доколку тоа не ви е доволно, можете да вклучите и снимка од вас како се обраќате до гледачот на презентацијата, преку вашата вградена камера на лаптоп компјутерот или било која друга надворешна камера. Затоа што овие додатоци се зачувуваат на секој слајд посебно, тие може да се менуваат во редоследот, а додатоците ќе останат на соодветниот слајд.
На презентациите можете да вклучите и квизови и слични додатоци, па на пример учениците да ги решаваат додека ја следат презентацијата. На страната на Office Mix достапни се статистики преку кои што можете да следите колку пати вашата презентација е прегледана, од кого и која е направената интеракција.
Кога ќе завршите со креирање на лекцијата, презентацијата ја зачувувате на страната на Office Mix, каде што е достапна само за вас, по што можете да ја споделите со кого сакате преку испраќање на линк.
Пример за лекција направена со Office Mix можете да погледнете на следниот линк.
Извор: Office Blog