Американската вселенска агенција NASA потврди дека мисијата Artemis II официјално ја напушти орбитата на Земјата. На вториот ден од мисијата, вселенското летало Orion успешно го комплетираше маневрот познат како „транслунарна инјекција“ (TLI). Овој маневар претставува клучен чекор кој овозможува капсулата со екипажот да се ослободи од примарното гравитациско привлекување на Земјата и да се постави на прецизна траекторија кон Месечината.
Процесот беше изведен преку планирано активирање на моторите кои му ја дадоа потребната брзина на леталото за да го започне своето повеќедневно патување низ вселената. Активирањето на моторите траело 5 минути и 50 секунди, што е доволно за да се добие потребната брзина за ослободување од Земјината гравитација.
Главниот мотор на Orion овозможува потисок од околу 2.700 килограми или околу 26 килоњутни, што е доволно за да забрза автомобил од 0 до 100 километри на час за околу 2,7 секунди. Во моментот на палењето, масата на Орион изнесувала околу 26.300 килограми, а за време на процесот биле потрошени приближно 454 килограми гориво.
Според информациите од NASA, по успешното завршување на овој потисок, сите системи на Orion функционираат според предвидените параметри. Инженерите од контролата на мисијата континуирано ја следат состојбата на леталото и перформансите на неговите системи за навигација и погон.

Четиричлениот екипаж, во чиј состав се астронаутите Рид Вајсмен, Виктор Гловер, Кристина Кох и Џереми Хансен, сега се наоѓа во фаза на транзит. Во текот на следните неколку дена, нивната примарна задача ќе биде спроведување на детални тестови на системите за одржување на живот и рачно управување внатре во капсулата. Овие проверки се неопходни за да се потврди целосната функционалност на Orion во реални услови на длабоката вселена пред леталото да стигне до Месечината.
Прелетот околу Месечината ќе се случи во понеделник, 6 април, а ќе трае неколку часа, време во кое ќе бидат направени сите потребни слики од страна на екипажот, кој ќе биде и првиот кој „лично“ ќе ја види темната страна од Месечината.
Мисијата Artemis II е дизајнирана како тест лет во кој екипажот ќе направи прелет околу Месечината пред да се врати на Земјата, поставувајќи ја основата за идните мисии кои предвидуваат слетување на лунарната површина.
Ова е прво патување на човечки екипаж надвор од ниската Земјина орбита по завршувањето на програмата Apollo во 1972 година.











































