Минатата година на својата F8 конференција, Facebook претстави нов дизајн за десктоп верзијата од мрежата, односно од facebook.com на компјутерите. Ова слободно може да се каже дека беше потребно одамна, па веста за нас беше добредојдена.
По одреден период на тестирање новиот дизајн им стана достапен на повеќето корисници во март преку можноста да го вклучат самите преку достапното копче „Switch to new Facebook“, а тука беше можноста за враќање назад на стариот дизајн.
Од петокот Facebook најави дека новиот дизајн го пушта за сите корисници, односно тој ќе стане стандарден без можност за враќање назад. Промената ќе им биде пуштена на сите корисниците на мрежата во периодот што следи, па доколку уште не го гледате новиот дизајн, ќе го видите на некое од наредните вклучувања преку вашиот компјутер.
Новиот дизајн е направен да изгледа многу послично со тој на мобилната верзија, односно на мобилната апликација. Главната промена што ќе ја забележите е горната лента исто како на мобилната апликација, а направена е и реорганизација на достапните линкови од страните.
Покрај тоа, Facebook.com сега има и темна тема, нешто што е многу популарно кај скоро сите апликации, а уште ја чекаме оваа можност на мобилната апликација каде можеби е и поважно да ја има.
Facebook.com генерално добива и подобрување на перформансите, односно ќе треба да забележите побрзо отворање на страните.